Генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Феридун Синирлиоглу денеска во Сараево изјави дека актуелната политичка криза во Босна и Херцеговина (БиХ) има сериозни внатрешни последици и може да има далекусежни ефекти врз стабилноста на поширокиот регион, пренесе Н1.
„Знаеме дека стабилноста е од клучна важност за БиХ и за регионот. ОБСЕ соработува со БиХ повеќе од триесет години со цел да обезбеди траен мир. Сепак, актуелната политичка ситуација е загрижувачка, бидејќи има сериозни внатрешни последици и може да доведе до далекусежни ефекти врз стабилноста на поширокиот регион“, рече Синирлиоглу на прес-конференцијата по средбата со министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.
Синирлиоглу истакна дека ОБСЕ е посветена на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на Босна и Херцеговина и ги повика политичките лидери во таа земја да го почитуваат уставниот поредок и да ја избегнуваат реториката на поделба.
„Сите оние кои го нарушуваат уставниот поредок немаат легитимитет за таквите постапки. Излезот од кризата мора да дојде преку искрена посветеност на демократијата и дијалогот“, рече тој, додавајќи дека ОБСЕ е подготвена да ја поддржи БиХ во надминувањето на политичката криза, зајакнувањето на демократските институции и безбедноста во земјата.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ изјави дека „нестабилноста на БиХ значи нестабилност на регионот на Западен Балкан, но и на целиот европски простор“.
Тој додаде дека го информирал генералниот секретар на ОБСЕ за актуелната ситуација во Босна и Херцеговина, како и за „заканите и можностите“ со кои се соочува земјата.
„Што се однесува до можностите, тоа е можност за интегрирање во Европската унија, а со тоа привлекување инвестиции и задржување на младите во земјата“, рече Конаковиќ.
Тој изјави дека го информирал Синирлиоглу дека „има еден човек и неговата политичка организација, кои сакаат да го решат својот проблем со уништување на интересите на Босна и Херцеговина, на ентитетот, на округот Брчко и на сите народи што живеат овде“.
„Ова не е приказна за етнички конфликти, туку приказна за криминал. Повторувам, законите на Народното собрание на Република Српска се неуставни и неприменливи. Изјавите со кои (претседателот на РС, Милорад Додик) се заканува дека ќе ги уапси Србите од РС и ќе им го конфискува имотот доколку не ги следат неговите закани за отцепување, најдобро говорат за ризикот од отцепувањ од БиХ.
Тој ги повика сите во БиХ да го почитуваат Уставот на БиХ, Уставниот суд на БиХ и Дејтонскиот мировен договор.
Д. Т.