Ли Тие, некогашниот фудбалер на Евертон и поранешен селектор на фудбалската репрезентација на Кина, е осуден на 20 години затвор поради корупција, со што привлече внимание на светската јавност.
Судот во кинеската провинција Хубеи утврди дека Ли во периодот од 2015 до 2021 година примал и давал мито во вкупен износ од 15,7 милиони евра. Во замена за тоа, тој фаворизирал одредени играчи при изборот за репрезентацијата, помагајќи на клубовите да потпишуваат договори со нив.
Ли ја призна вината во март 2024 година, по што беше донесена пресудата.
Ли Тие беше еден од најпознатите кинески фудбалери, кој се истакна играјќи во Премиер лигата и предводејќи ја Кина на Светското првенство 2002 година. Тој беше селектор на Кина од 2019 до 2021 година, но корупциските активности му ја нарушија репутацијата.
Кинескиот фудбал долги години го тресат скандали за „местени“ натпревари и корупција, што е главна причина за слабите резултати на репрезентацијата. Во последниве години, претседателот Си Џинпинг ја засили борбата против корупцијата во спортот.
Чен Ксујуан, поранешниот претседател на Кинеската фудбалска асоцијација, доби доживотна казна затвор за примање мито од над 81 милион јуани.
Во септември 2024 година, 38-мина играчи и пет официјални лица беа доживотно суспендирани поради местење натпревари откако беше утврдено дека се манипулирало со 120 натпревари.