САД ја одбија резолуцијата на Г-7 за осуда на рускиот напад во Суми


Центарот на украинскиот град Суми го погодија две балистички ракети

САД одбија поддршка за заедничката резолуција на сојузниците од Г-7 за осуда на рускиот напад во Суми, при што загинаа 35 лица, јави синоќа агенцијата „Блумберг“.

Според извештајот, администрацијата на претседателот Доналд Трамп ова го образложила со желбата да „се задржи простор за преговори“ со Москва за крај на војната во Украина.

Како што наведуваат извори упатени во дипломатската комуникација, Канада – која моментално претседава со Г-7 ги известила останатите членки (Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Јапонија) дека резолуцијата не може да биде усвоена без согласност од САД. Земјите планирале да соопштат дека нападот во Суми е доказ дека Русија нема намера да запре со војната.

Руската армија испалила две балистички ракети „Искандер“ врз украинскиот град Суми на празникот Цветници, 13 април, кога луѓето одеа на црковна служба. Една од ракетите била со касетна муниција. Според украинските власти, загинале 35 лица, меѓу кои и две деца, а 119 биле повредени.