Министерство за енергетика: Имотно-правните пречки ги кочат енергетските проекти, бараме итни решенија
- -Главниот предизвик што го попречува развојот на овие проекти е долгото чекање на решенија за имотно-правни прашања и сложените процедури за упис на државниот имот во Катастарот. Оваа состојба директно го забавува напредокот на повеќе капитални инвестиции, меѓу кои и проектот Милетково, неопходен за стабилноста на електроенергетскиот систем во тој регион, информира МЕРМС.

Скопје, 2 април 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска иницирала состанок со сите релевантни институции за, како што информира Министерството, „надминување на административните пречки што го кочат спроведувањето на значајни енергетски проекти“.
На состанокот присуствувале претставници од АД МЕПСО, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за имотно-правни работи и Министерството за транспорт и врски.
-Главниот предизвик што го попречува развојот на овие проекти е долгото чекање на решенија за имотно-правни прашања и сложените процедури за упис на државниот имот во Катастарот. Оваа состојба директно го забавува напредокот на повеќе капитални инвестиции, меѓу кои и проектот Милетково, неопходен за стабилноста на електроенергетскиот систем во тој регион, информира МЕРМС.
Министерката Божиновска истакнала дека „проектите од ваков обем не смеат да стојат во место поради долги и неефикасни административни процеси“.
-Ова не е само техничко прашање – ова е прашање на енергетска сигурност и економски развој. Одговорноста на институциите е да обезбедат навремена и координирана работа, за државните инфраструктурни проекти да не чекаат непотребно, нагласила министерката.
МЕРМС наведува дека на состанокот било договорено засилено меѓуинституционално координирање и утврдување на јасни процедури за забрзување на процесите.
-Министерството за енергетика, во соработка со надлежните институции, ќе работи на конкретни решенија за да се спречат идни застои и да се обезбеди навремена реализација на сите стратешки енергетски проекти, се наведува во соопштението. хс/са/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини