Состанокот на владата на американскиот претседател Доналд Трамп заврши по повеќе од еден час, а кон крајот се разговараше за тековните преговори околу царините.
Трамп рече дека неговата администрација е „многу блиску“ до склучување на својот прв трговски договор со една од земјите погодени од царините, додавајќи дека сака „договори кои се фер за Соединетите држави“.
Доколку не се постигне договор прифатлив за САД до крајот на 90-дневната пауза, зголемените тарифи ќе бидат вратени, изјави тој за новинарите.
Тој исто така нагласи дека не размислува за исклучоци за ниту една земја или за поединечни компании.
На прашањето за приходите од царините, Трамп рече дека парите ќе бидат искористени за намалување на националниот долг, намалување на даноците, создавање буџет и за „помош“ на границата меѓу САД и Мексико.
„Американската индустрија за челик сега ќе закрепне поради царините“, рече Трамп, додавајќи дека во моментов многумина гледаат празни фабрики, но тоа наскоро ќе се промени поради неговите мерки.
– Сè ќе цвета наскоро“, рече Трамп и додаде „Ќе се рестартираат фабриките и ќе се градат нови, ќе бидеме подобри и посилни од било кога“.