Кумановскиот театар вечер ќе ја изведе претставата „Трнорушка“ по повод петгодишниот јубилеј
Кумановскиот театар вечер со почеток во 18 часот ќе ја изведе детската претстава „Трнорушка“, информираа денеска надлежните од установата. Детската претстава слави пет години од првата изведба.
- Навистина сме горди и среќни што успеваме како театар да ја одржиме оваа претстава и што интересот од публиката не стивнува. Секоја нова генерација носи нова енергија и нови искуства. Тоа ни дава сила и инспирација да продолжиме, изјави актерката Владанка Крстевски.
„Трнорушка“ стана омилена претстава меѓу најмладите од Куманово. Актерите, освен во матичниот град, ја изведуваа и надвор од државата. На 13 мај, ансамблот ќе гостува на Меѓународниот фестивал за деца и млади „Волшебната завеса“ во Трговиште, Република Бугарија.
- Се надеваме дека убаво ќе ги претставиме театарот и нашиот град. Претставите за деца секогаш будат посебна возбуда - и кај нас актерите и кај публиката, додаде Крстевски.
Во претставата, покрај Крстевски, играат и Сања Русеска, Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Нина Максимова, Давид Илиќ и Владо Дојчиновски. Режијата е на Бојана Краљевска, сценографијата на Крсто Богојевски, текстот го адаптираше Зоран Зафировски, костимите се дело на Дарко Илиевски, а музичка поддршка обезбеди Александар Митрички.