Култура
„Темната страна на Римската историја“ ги обедини германските и македонските археолози во Франкфурт

Археолошките откритија од пред милиони години ни служат да добиеме повеќе одговори поврзани со развојот на цивилизацијата и општествата, со начинот на кој што функционирало човештвото некогаш. Франкфурт, освен што е дом на бројни големи банки и брокерски куќи е и дом на значајни културни институции. Во Франкфурт се сместени три многу значајни институции, кои имаат една заедничка појдовна точка. Сите се занимаваат со археологија и пред се, со грижата за културното наследство – Археолошкиот музеј, Германскиот археолошки институт и Конзерваторската лабораторија во Мајнц.
Во срцето на Европа, во Франкфурт, се наоѓа Археолошкиот музеј, кој има цел да ја истражува, чува и пренесува историјата на овој град, од неолитскиот период до раниот нов век. Делата кои се изложени во овој музеј ги информираат посетителите за културата на цивилизациите од праисториската, римската, средновековната и поновата археологија на самиот Франкфурт, но и на регионот.
рхеолошкиот музеј е сместен во Кармелитскиот манастир, но обновен со понова современа архитектура. Всушност, самиот Кармелитски манастир бил изграден во 1246 година. Освен уникатно дизајниран внатрешен простор каде се изложуваат археолошки дела, во рамки на музејот постои и надворешен простор каде се организираат разни музички културни забави.
Археолошкиот музеј – чувар на историјата на градот
Музејот редовно објавува експертски истражувања во полето на археологијата и најновите изложби, во своите публикации кои се достапни до јавноста и на нивната веб-страница.
Токму во овој музеј, на 17 декември беше отворена изложбата на Музејот на Град Скопје насловена „Темната страна на Римската историја“. Таа е резултат на соработката меѓу Музејот на Град Скопје и Германскиот археолошки институт, кои неодамна потпишаа Меморандум за соработка. На отворањето на изложбата присуствуваа повеќе од шеесетина посетители и истата ќе биде поставена до јуни следната година.
Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид во изјава за МИА посочи оти се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.
Сега е период на божиќни и новогодишни празници, но сепак изложбата ќе биде отворена до јуни следната година и очекуваме дотогаш да ја видат над илјада посетители. Во текот на годината во музејот имаме околу 50 илјади посетители, оптимист сум дека сите ќе ја видат и оваа изложба. За нас е важно изложбата да биде видлива и да се запознаат посетителите за откритието на масовната гробница во Скупи, порача Дејвид.
Изложбата дава уникатна видливост на масовната гробница на обезглавените римски војници во Скупи во римскиот период и претставува поттик за понатамошното истражување на ова место. Таа беше подготвена од страна на покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот на Скупи.
Скупи интересна појдовна точка за археолошки истражувања и за Германскиот археолошки институт
Институтот се наоѓа во Франкфурт и постои 120 години. Формиран е во 1902 година, а работи на археолошки истражувања во повеќе региони, вклучувајќи ги Британските острови, Скандинавија, Централна Европа, Балканот, Црното Море..
Иако Институтот постои долг период, со текот на годините, развојот на технологијата го менува начинот на работа. Новиот технолошки развој значително влијае и во работата на археолозите.
Иако одредени археолози најпрвин биле загрижени во однос на развојот на технологијата, сметајќи дека нејзиното влијание е сосема непотребно и во ова поле, сега археолозите, вклучувајќи ги и вработените во Германскиот археолошки институт активно ја вклучуваат технологијата во нивниот процес на работа.
Ласерските скенери, 3Д фотограметрија и напредната дигитализација сега се дел од секојдневниот живот на археолозите.
Претставници од Германскиот археолошки институт во ноември беа во посета на Скопје, каде потпишаа Меморандум за соработка со Музејот на Град Скопје.
Меморандумот претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.
Во рамките на нивната посета во Скопје, тие остварија средба и со претставници од Министерството за култура на Македонија, а го посетија и Скупи, каде што се вршат значајни археолошки истражувања.