Од септември годинава пензиите повторно ќе се зголемуваат според старата методологија на пресметка, откако Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со ова, досегашното линеарно зголемување на пензиите за фиксен износ од 2.500 денари во септември 2024 и дополнителни 2.500 денари во март 2025 година се става вон сила.
Наместо тоа, пензиите повторно ќе растат врз основа на движењето на индексот на трошоците на живот (50%) и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени (50%).
Оваа промена повторно ја отвора дебатата за тоа кој начин на усогласување е поповолен за пензионерите.
Пензионерите имаат поделени ставови. Дел од нив сметаат дека старата методологија е подобра затоа што го следи реалниот пораст на животните трошоци, додека други мислат дека со фиксниот износ од 5.000 денари во два наврата, добиваат конкретна и загарантирана помош која е позначајна во време на висока инфлација.
„Јас мислам дека стариот метод е поправеден, затоа што не можеме сите пензионери да добиваме исто. Со усогласување според платите и трошоците, ќе добијат повеќе оние кои имаат повисоки пензии, а ние со пониски пензии пак ќе добиеме многу малку“, вели пензионерка од Скопје.
Друг пензионер од Прилеп, пак, тврди дека фиксната сума им била многу значајна:
„Сумата од 2.500 денари веднаш се чувствува. Со претходната методологија имавме многу мали покачувања кои се топеа во инфлацијата. Барем со фиксниот износ имавме конкретна помош“, додава тој.
Според економските експерти, враќањето на старата методологија ќе има различни ефекти врз пензионерите во зависност од нивната моментална пензија и инфлацијата.
„Досегашната фиксна метода беше добра за оние со најниски пензии бидејќи им даваше можност за значаен процентуален раст. Со старата методологија, пензиите повторно ќе растат според реалните економски параметри. Тоа е позитивно на долг рок, но во услови на висока инфлација, може да се покаже како недоволно“, велат експертите.
Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, предупреди дека со овие измени се исклучуваат околу 12.000 пензионери кои пензиите ги примаат во други држави.
„Пензионерите кои работеле во Македонија и плаќале придонеси, а денес пензијата ја примаат во Србија, Косово или во други држави, целосно се исклучуваат од можноста за усогласување на пензиите. Ова не само што им го ускратува сегашното покачување, туку и секое идно зголемување“, рече Тренчевска.
Според неа, ова ќе има и реципрочни последици, бидејќи другите држави ќе можат да направат ист чекор и кон македонските пензионери кои решиле да се вратат во Македонија.
„Договорите за социјално осигурување што ги имаме потпишано со земјите каде што живеат овие пензионери подразбираат еднаков третман на граѓаните од двете страни. Сега постои ризик нашите пензионери кои се враќаат од странство да бидат третирани на ист начин и да го изгубат правото на усогласување на пензиите“, предупредува Тренчевска.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелинка Петкова, пак, смета дека сегашните измени се позитивни бидејќи носат второ зголемување од по 2.500 денари, потсетувајќи дека за време на нивната власт пензиите биле многу ниски и под нивото на социјална помош.
„Пензионерите беа незадоволни бидејќи пензиите беа ниски. Денес имаме конкретно зголемување, а тоа е она што пензионерите го очекуваат и го заслужуваат“, истакна Петкова.
Експертите потенцираат дека суштински проблем останува недоволниот раст на пензиите во однос на реалната инфлација која е далеку повисока од официјалните податоци. Пензионерите велат дека иако секое зголемување е добро, тоа мора да биде прилагодено на реалните трошоци.
„Цените растат постојано. Повеќе од половина од пензијата оди на лекови и на храна, иако штедиме. Ова покачување ќе биде добредојдено, но мора да се направи нешто системски за да не бидеме постојано во ситуација на преживување“, вели пензионер од Куманово.
Сега останува да се види како ќе се одвива усогласувањето во пракса од септември и дали пензионерите навистина ќе почувствуваат подобрување во нивниот животен стандард или повторно ќе се соочат со незадоволство и нови барања.
Б.З.М.