Вашингтон ги укина санкциите против Антал Роган, близок доверник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесе агенцијата Франс прес.
Оваа одлука е знак на блиските односи меѓу администрацијата на Доналд Трамп и унгарскиот премиер.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Роган е отстранет од црната листа на Стејт департментот. Тој за ова во телефонски разговор со него го информирал својот унгарски колега Петер Сијарто. Според Рубио, доколку присуството на Роган остане на црната листа, тоа би било некомпатибилно со надворешнополитичките интереси на САД.
Санкциите против Роган беа воведени од администрацијата на претседателот Џо Бајден . Роган е шеф на кабинетот на унгарскиот премиер. Санкциите му беа изречени поради вмешаност во корупција.
Антал Роган, кој ги контролира разузнавачките и комуникациските служби, беше обвинет за организирање корупциски шеми за контрола на стратешките сектори на економијата на Унгарија и за пренасочување на приходите во сопствена корист и во корист на неговата партија, рече администрацијата на Бајден кога ги воведе санкциите.
Сијарто рече дека одлуката за укинување на санкциите е јасен сигнал дека ветерот во Вашингтон се врти. Според него, одлуката за воведување санкции е „плод на вистинска политичка одмазда од страна на „фрустрираниот американски амбасадор во Унгарија“ и претседателот Трамп ја исправил оваа неправда.
Амбасадорот Дејвид Пресман, кој служеше во Будимпешта од 2022 година до почетокот на 2025 година, редовно ја критикуваше систематската корупција, сузбивањето на слободата на говорот и кршењето на човековите права, особено на ЛГБТ заедницата, во Унгарија.
Орбан е еден од ретките европски лидери кои се блиски до Трамп.