За токсичната машкост - и за третата опција

02.04.2025 01:13
За токсичната машкост - и за третата опција

Токсичната машкост е директен напад врз основното човеково право на почит и на безбедност: во домот, на работното место, или каде било. Токсичната машкост има две лица: препотентност и агресија, од една страна, и малодушност и кукавичлук од друга. Овие две лица се во суштина едно и исто: препотентноста може за миг да се преобрази во тесноградост, и обратно.

Токсичната машкост е обично надмена, и тогаш има потценувачки однос кон другите (кон жените, но и кон мажите), се однесува цинично и со омаловажување, со заплашување и со закани, па дури и со директна агресија: со навреди и со буквално напаѓање на личниот простор, а во крајни случаи и на телото (на жената, или на оној што ќе се најде на другата страна). Оваа токсична машкост е убедена дека агресијата е начин да се пасивизираат другите (особено жените) и така да се дојде до посакуваната цел. Токсичната машкост нанесува штета и трауми и влијае на здравјето на оние околу неа, но таа штета ја смета за природна, нормална и неопходна – за да се задржи статус кво (да се одржи бракот, на пример), или за да се дојде до некоја друга цел.

Од друга страна (за која многу помалку се зборува), токсична машкост e кукавичлук. Тоа е онаа малодушност што се јавува кога жената ќе му даде до знаење на мажот дека *насилството не поминува*, и дека жената може да го напушти домот поради тоа. Тогаш токсичниот маж може да стане уште поагресивен, и да игра на картата на срамот („па како можеш да си неблагодарна, по сè што направив за тебе“), а откако тоа нема да има ефект, агресивноста за миг се претвора во малодушна, теснограда, молежливост и пасивна агресија („па имаш ли срце, мисли на децата“, или „нели ти е жал, ќе ги растажиш сите со разделба...“). И упорно така, сè додека жената не омекне, и не одлучи да биде „поиздржлива“. За мажот потоа да продолжи да се однесува како и дотогаш.

Токсичната машкост не знае да слуша. Но, затоа пак знае до бескрај да зборува и да објаснува, да поучува, да држи лекции... и целосно да го зафаќа просторот. Во дискусија, токсичниот маж упорно сака да зборува најмногу, и обично прв. И сè мора да биде по негово: затоа што на „силните“ мажи, нели, отсекогаш им било предодредено да водат. Тоа е тоа тешко искоренливо „чувство на дадено право“ (“sense of entitlement”) што го имаат повеќето мажи, несвесни за својата со векови негувана привилегирана состојба.

Клучен збор тука е „нормализација“. Токсичните мажи (и сите несвесни лица општо) нè убедуваат дека „отсекогаш било така“, дека „тоа е тоа“, отсекогаш имало агресивни и насилни типови, и дека жената (и целата заедница) се должни да го поднесуваат тоа. “Boys will be boys”, се вели, „машкото ќе си остане машко“: агресивно, вулгарно, па и насилно по потреба... и „тоа е нормално“...
Но не, тоа не е „нормално“. Светот се менува, животните услови се менуваат, живееме во свет на интензивна размена, и во овој свет правата можат гласно да се бараат. Оттаму, неизбежно и луѓето се менуваат. Така, токсичната машкост тешко може да опстои во една здрава, свесна заедница.

Сите ние живееме со некакви трауми. Токсичната машкост игра на картата на траумите кај жената (и кај сите други). Токсичната машкост упорно, со директни навреди сака да ги буди нашите трауми и со тоа нашата несигурност, за да се храни од нив. Токсичната машкост така расте и станува сè потоксична, и сè поразорна – и за семејството, и за институциите, и за целокупната заедница.

Токсичната машкост оперира на тој начин што со своите заплашувања ги уморува и ги пасивизира другите, и така ја држи во заложништво жената и семејството, или непосредната заедница (и тоа кукавички, избегнувајќи соочување, а и лицето на јавноста). Но, пред сè, токсичната машкост сака да замолкнува, и се надева на нашиот молк. „Срамота е“ да се каже дека мажот ја тепа жената, „навреда на честа на семејството“ е да се каже дека таткото ја малтретира мајката: жената мора да биде издржлива. „Срамота е“ машко да каже дека друго машко е агресивно и вулгарно: „тој е агресивен, ама такви се мажите, биди маж и ти: молчи и справи се (а не да се жалиш на други)“.

Токсичната машкост ги труе домовите, комшилуците, заедниците, институциите, целото општество. „Тоа е тоа, живееме во патријархат“ е малодушно помирување со судбината. „Тоа е, нема што да се прави“ е тесноградо отфрлање на личната одговорност. Но, факт е дека за нашата судбина (т.е. иднина) во овие случаи одлучуваме ние. Постојат и такви мајки што поставуваат јасни граници, или со исправен ‘рбет ги напуштаат токсичните бракови, било да се сами или со деца. И токму тој исправен ‘рбет на мајката најубаво ги образува тие деца, па тој исправен ‘рбет станува и нивна одлика. Тоа се децата што го менуваат светот. Го прават поподнослив, и убав.

Во една заедница, оправдувањето и толерирањето на токсичната машкост уште повеќе ја засилува и ја нормализира токсичната машкост и тоа насилство, па така силеџиството се мултиплицира и сè повеќе станува одлика на целата заедница.

И нејзините разорни ефекти по добросостојбата на жените, мажите, институциите и заедницата воопшто. Или, можеме да решиме дека ќе се охрабриме за да се соочиме со токсичната машкост, и со дело – макар тоа дело било пасивен отпор – да ѝ дадеме до знаење дека претпочитаме мирен живот: а упорните навреди, заплашувањето, вулгарноста и агресијата немаат место во нашите животи, и нема да го насочуваат нашето секојдневие, нашите институции и нашето општество.

Животот во мала и доминантно патријархална средина доаѓа со свои предизвици, а ние често сме поставени пред предизвикот постојано да одлучуваме.

Од една страна, можеме да се водиме по веќе премногу познатото „мене тоа не ме засега“, и така малодушно да ја одмолчиме (значи, да ја поддржиме) токсичната машкост. Да останеме тесногради калкуланти, да одиме по линија на помал отпор (низ „пошироката врата“, како што велат некои), и со тоа да мислиме дека сме итри, снаодливи... Но, знаеме дека тоа би нè водело до пропаст.

Од друга страна, можеме директно и без размислување да се судриме со оваа токсична машкост: да бидеме и ние „снаодливи“, подмолни, злобни, агресивни... Но, тоа би било само умножување на силеџиството, и би било уште поразорно.

Најпосле, имаме и трета опција: да имаме смирено разбирање и милост за токсичната машкост, но и нужно храбро да се дистанцираме од неа. Да речеме: „не, ова не е здраво, не сакам да живеам вака“, и со таквото дистанцирање од токсичната машкост (односно нејзино дистанцирање од нас) целосно да ја обезмоќиме – а на токсичната машкост да ѝ го оставиме просторот што е неопходен за себепреиспитување и за толку потребното *премислување*.

Сакам да верувам дека мнозинството од нас сме доволно свесни и слободни за да постапуваме праведно и солидарно – со себеси и со другите: да ја одбираме оваа трета опција, и со тоа здраво да растеме: и како личности, и како семејства, и како институции, и како општество.

Слики: Luke Osborn