Финансии / Банкарство
ДОМАЌИНСТВАТА И КОМПАНИИТЕ ВО ЕВРОЗОНАТА ЗАБРЗАНО СЕ ЗАДОЛЖУВААТ
28.03.2025
Еврозоната забележа забрзан годишен раст на банкарските заеми за домаќинствата и компаниите во февруари, се вели во извештајот за монетарните движења објавен од Европската централна банка (ЕЦБ).
Банкарските кредити на домаќинствата во еврозоната се зголемија за 1,5 отсто на годишно ниво во февруари, забрзувајќи од 1,3 отсто во јануари.
Ова е најбрзиот годишен раст на кредитите за домаќинствата во еврозоната од јуни 2023 година. Вкупниот кредит на компаниите (без финансиските корпорации) во еврозоната порасна за 2,2 отсто во февруари, што е побрзо од растот во јануари од два отсто, додаде ЕЦБ.
Вкупната вредност на кредитите на приватниот сектор во исто време се зголеми за 2,5 отсто на годишно ниво, што е забрзано од 2,3 отсто во јануари.
Вредноста на монетарниот агрегат М3 на вкупните ликвидни средства во еврозоната во февруари се зголеми за четири отсто на годишно ниво, а вредноста на потесниот монетарен агрегат М1, кој ги вклучува валутите во оптек и депозитите преку ноќ, за 3,5 отсто во однос на истиот месец лани, пренесува Б92.
фото freepic