Палчо оддалечен од рочиштето за Кешишев да може да сведочи без страв

од Nikola Popovski
17 прегледи

Судењето за убиството на Вања и Панче продолжи денеска од 10 часот во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на обвинетиот Влатко Кешишев. Адвокатот на обвинетиот Кешишев, Игор Ефремов побара за време на сведочењето на неговиот клиент од судницата да биде отстранет Љупчо Палевски. Ефремов истакна дека неговиот клиент се плаши да говори пред Палевски и можно е да не ја говори вистината. Во прилог на тоа нагласи дека Палчо на неговиот клиент му давал некави ливчиња да ги потпише во негово име.

Согласно член 391 став 4, Судот донел решение Палевски да се оддалечи од судницата. На ова се спротивставил самиот Палчо. Напуштање на рочиштето најавил и адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски.

На минатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој ги негираше исказите дадени од Обвинителството посочувајќи дека нема никаква поврзаност со убиствата на Вања и Панче.

Претходно, беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил обвинетиот Љупчо Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.

Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го предомислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра. Тој тврдеше дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не е вмешан во случајот.

И Манев, како и Видевски, посочија дека биле изложени на тортура при нивните распити во полицијата.

Според најавеното, по сослушувањето на Кешишев, треба да сведочат таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Слични содржини