• Горан Упале
Екипата на Хајдук сигурно чекори кон титулата во хрватскиот шампионат, прва по пауза од дваесет и една година. Тимот од Сплит во рамки од 28.коло од ХНЛ славеше минимална победа на гостувањето кај Славен Белупо од 0-1, а голема помош за тоа доби од поранешниот македонски репрезентативец Илија Несторовски.
Искусниот напаѓач на Славен Белупо во самиот финиш од првиот дел несакајќи играше со рака во својот казнен простор и по ВАР-прегледите Хајдук доби најстрога казна. Сигурен реализатор од ударот од единаесет метри беше Ливаја за голема победа на гостите од Сплит од 0-1.
Фудбалерите на Динамо Загреб, пак, одново ги разочараа своите фанови и запишаа неочекуван пораз од Истра од 3-0.
Стефан Ристовски остана на клупата за резерви, додека Адеми беше стартер, но беше заменет по првото полувреме. Со овој пораз шампионот сега заостанува осум бода во однос на лидерот Хајдук, додека второпласираната Ријека има четири помалку од тимот од Сплит, но и натпревар помалку.