Синдикатот на „Еуроникел индустри“ и понатаму е ангажиран околу изнаоѓање решение за спас на компанијата. Од таму бараат средба со премиерот Димитар Ковачевски и со други надлежни институции.
- Како синдикален одбор итно бараме прием и средба со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, со цел да се побара поддршка за изнаоѓање на решение за нашата компанија во која сме вработени и нејзино понатамошно функционирање. Доколку не наидеме на разбирање и прием од наведените институции ние како СО на „Еуроникел индустри“ заедно со нашите вработени, ќе бидеме принудени да преземеме непопуларни мерки како протести и разни блокади на институции и патишта, а се со цел да се избориме за функционирање на компанијата и обезбедување на нашата егзистенција“ информира претседателот на синдикалната организација на Еуроникел индустри.
Исто така се бараат средби и со најголемата банка-доверител за помош да се пронајдат евентуални нови инвеститори, кои би ја преземале компанијата и би го овозможиле нејзиното работење, како и состанок со со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и пратениците кои доаѓаат од оваа општина.
Вработените во Еуроникел веќе подолг период стравуваат за иднината на компанијата. Претходно побараа со писмен допис од директорот Димитрис Пасос и бордот на ГСОЛ да продолжи производството во фабриката. Во овој момент производство нема, само се одржува печката.

Додади коментар