ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.06.2024
„Наука за деца“ објави конкурс за најдобар млад презентер
Автор: Goce Author

НАУКА ЗА ДЕЦА, Фондација КАНТАРОТ и семејството на  спортскиот коментатор Александар Стиков, ја распишуваат наградата „Колега Стиков“. Оваа година, под мотото „Добриот глас надалеку се слуша“ во име на славниот глас на Стиков, со оваа награда ќе се закити најдобриот млад презентер на научна содржина.

Повикот е наменет за ученици од основните училишта во Македонија, кои треба да направат видеопрезентација со должина до 5 минути во која ќе се снимат како презентират:

1) сопствен текст со научна содржина;

2) научен концепт;

3) научен експеримент;

4) приказна за омилен научник;

5) осврт за книга со научна или научно-фантастична содржина;

6) репортажа од научен настан;

7) оригинална замисла за презентација поврзана со наука.

Видеото треба да се испрати на: naukazadeca.mk@gmail.com со основни податоци: име и презиме, одделение, училиште, град и телефон за контакт.

Наука за деца ќе ги поддржи младите презентери

Најдобриот презентер ќе биде избран од стручна комисија во која ќе членуваат истакнати новинари и научници. Наградата е во вредност од 500 евра и ќе биде доделена за време на третата конференција „Наука за деца“ (18-19 октомври 2024). Дополнително, наградениот ќе добие и можност за менторирање од страна на наши врвни новинари. Тој или таа ќе може да се запознае со новинарската работа и да ги продлабочи своите презентерски способности, со тоа што ќе биде вклучен(а) во редакцијата на наш познат медиум.

Повикот за аплицирање за наградата е отворен од 15 јуни до 15 јули.

Александар Стиков (1947-2023) е доајен на македонското спортско новинарство. Како новинар, репортер и уредник, тој целиот свој работен век го помина во Македонското радио. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на Македонското радио.

Известуваше од седум Олимписки игри, безброј фудбалски натпревари, кошаркарски, ракометни, одбојкарски мечеви. Пренесувал и натпревари во бокс, борење, атлетика, хокеј, кајак, зимски спортови… Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма „Спорт, музика, спорт“. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои и престижниот трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот олимписки комитет во 2004.

Yoco Join – иницијатива за поактивни млади
Штип УГД во борба за одбојкарската титула