Достапни линкови

 
Минималец донесен без синдикатите - Денот на трудот порани

Минималец донесен без синдикатите - Денот на трудот порани


Јавна седница на Сојуз на синдикати на Македонија за минимална плата 02.04.2025
Јавна седница на Сојуз на синдикати на Македонија за минимална плата 02.04.2025

Протест како синдикална јавна седница за поголем минималец одржа денеска Сојузот на синдикати. Бараат минималната плата да изнесува 30.000 денари, наместо предложените 24.300, а дотогаш пратениците и функционерите да земаат минималец. Владата за прв пат ја одреди висината на минималецот без согласност на синдикатите.

Точно во 12часот и 5 минути Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пред зградата на Собранието ја почна, како што ја нарече, јавната седница на која учествуваа членови на раководните синдикални тела. Причина е несогласувањето со Владата за зголемувањето на минималната плата.

Додека одлуката на Владата е таа да биде 24.300 денари, Синдикатот бара 30. 000 денари. Трите точки од дневниот ред беа насочени кон три различни институции.

Пред Собранието беше упатена порака, “Не може да има за пратениците, а да нема за работниците!“.

Пред Стопанската комора на Македонија синдикатот имаше порака до работодавачите:

„Подадената рака од работникот денес може да стане стисната тупаница утре!“

Како што рече претседателот на ССМ , Слободан Трендафилов најбитна е онаа упатена кон Владата:

„Не може да се одлучува за нас работниците, без нас работниците!“, рече Трендафилов.

Оваа порака беше испратена од пред Владата истакнувајќи дека таа е првата во историјата на државата која носи одлука без согласност на синдикат што е противзаконски. Побараа од пратениците и функционерите да земаат минимална плата се до нејзиното наредно зголемување.

„Спречете ја незаконската одлука за утврдување на висината за минималната плата, намалете си ги вашите плати на минимална плата, па да почувствувате макар и една година колку им е тешко на работниците. Не ве биравме да водите кооперација, туку да водите држава“, порача Трендафилов од пред зградата на Владата.

„Јавна седница„ пред седиштето на ССМ, Скопје, 4 април 2025
„Јавна седница„ пред седиштето на ССМ, Скопје, 4 април 2025

Првите синдикалци се заканија дека доколку не се усвои одлуката за која гласаа, а тоа е минималната плата да изнесува 500 евра, тогаш ќе бараат сите функционери, кои според синдикатот се 1 080, да се стават на минималец.

За ова како што рекоа се подготвени да организираат генерален штрајк на ниво на цела држава, и поголеми протести на кои ќе го повикаат целото членство од 30 илјади луѓе да излезе на улица, а не како што тоа беше денес само членовите на органите на ССМ.

Минималецот донесен без синдикат, министерот вели морал да потпише

Додека Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) протестира и постојано бара минималецот да се зголеми на 30.000 денари, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ постојано ги напаѓа синдикалните лидери, Владата објави одлука за новата минимална палта.

Според законските решенија, пресметка се прави во март секоја година. Така е и сега, па според одлуката на Владата од минатата недела минималецот се зголеми за околу 1.800 денари нето и сега изнесува 24.379 денари.

Одлуката ја објави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, но за оваа пресметка нема согласност од Економско-социјалниот совет (ЕСС) бидејќи тој не е комплетен со оглед дека владата се уште не утврдила кој е репрезентативен синдикат.

Синдикатот заедно со работодавците и владата е една од трите страни учесници во Економско - социјалниот совет. Ако не ја објавел одлуката Дурмиши вели, ќе се блокирале институциите.

„Согласност (од ЕСС) нема поради тоа што нема репрезентативност од синдикатите така што јас според законот кој е во сила обврзан сум, и по одлука на Влада, пред 31 март да ја објавам минималната плата. Знаеме дека од минималната потоа ќе се пресметува и просечната плата и другите плати. Замислете ако не ја објавевме ние до 31 март? Ќе се блокираше целата држава, целите институции и приватниот сектор немаше да може да пресмета плати за нивните вработени“, изјави Дурмиши.

Денеска кога ССМ излезе на улица министерот организираше конференција за реформа на Законот за работни односи и оттаму, во одговор до новинарите го повтори владиниот став – ако синдикатите и работниците се договорат, Владата ќе излезе во пресрет. Но, го прозва и ССМ дека не е репрезентативен.

„Нормално дека живееме во демократија има право секој да излезе на улици и да го каже својот револт, но јас ќе кажувам пак, дека синдикатите им истече мандатот и веќе не се репрезентативни. Ние како Влада формиравме комисија која треба да утврди репрезентативност на синдикатите и таа работи. Зависи кој синдикат ќе биде репрезентативен, кога ќе се определи јас веднаш ќе ја свикам седницата на ЕСС и синдикатите таму треба да ги кажат своите барања, а не на улица“, рече Дурмиши.

Се уште се решава кој е репрезентативен синдикат

Економско социјалниот совет (ЕСС) нема одржано седница и ќе продолжи со работа кога комисијата ќе заврши со проверката на списоците со активни членови на ССМ.

Откако се отвори прашањето за битка за поголема минимална плата, се отвори и прашањето за статусот на Сојузот на синдикати и дали тој е репрезентативен синдикат. Токму тоа е и причината поради која сега се проверуваат списоци и нема седница на советот.

Услов за ССМ да биде репрезентативен е ако има најмалку 10% од вкупниот број на вработени во државата, со што ќе се потврди дека ја има најголемата синдикална организација.
„Вие сте прва влада која смислено ја одзема репрезентативноста на ССМ само за да нема Економско социјален совет. Првата влада која реши 129 илјади вработени во јавен сектор кои зависат од минимална плата да ги остави да ги изедат газдите од приватниот сектор“, рече потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски.

Прозивките во јавноста во текот на изминатите месеци доаѓаа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која обвинува оваа синдикална организација одработува за опозициските СДСМ, Левица и ДУИ. На масата за преговори бараше да седне и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која тврди дека неоправдано била исклучена изминатите неколку години.

Денеска претседателот на Конфедерација на слободни синдикати, Благоја Ралковски, во гостување на радио емисија рече дека не гледа причина за протестирање.

„Работите се тргнати од нула и многу е направено во овие 9 месеци. Нема проблем тие што им ветуваат 500 евра нека им дадат 500 евра, има начин како да се издејствуваат тие 500 евра“, изјави Ралковски.

Во моментов, минималната плата изнесува 22.567, додека просечната во јануари изнесуваше 43.050 денари што во споредба со декември е намалување од околу 530 денари.

Филипче: Со политичка интервенција може да се зголеми минималецот

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денот на протестите отфрли каква било поврзаност со организацијата, но рече дека ги поддржуваат синдикатите во барањата.

„Апелирам Владата да излезе во пресрет на барањата на работниците, платите се ниски, цените се надвор од контрола, луѓето едноставно не може да преживеат рационално. Реално е барањето минималната плата да биде 30.000 денари, има како да се воспостави. Точно е дека методологија, меѓутоа секогаш со политичка интервенција може и законот да се смени со цел да им се излезе во пресрет на барањата“, рече Филипче.

Тој потсети и оти СДСМ поднел неколку предлози за зголемување на платите во јавниот сектор, како и на минималецот во приватниот сектор со тоа што предложиле работодавците да се растеретат така што ќе бидат ослободени од дополнителните давачки за придонеси, но власта ништо до тоа не прифатила.

За ваквиот предлог, претходно премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема пари во буџетот за Владата да ги субвенционира придонесите за повисок минималец.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG