
Ватикан изготви нов правилник за натприродни феномени, со построги правила за оценување на вистинитоста на тврдењата за разни „чуда“ и „привиденија“.
Кога информациите за статути што плачат се лажни вести? Колку се веродостојни тврдењата дека света реликвија исцелила некого? Може ли да се потврди божественото привидување? Сето ова се прашања на кои се однесува новиот правилник на Ватикан за натприродни феномени, кој ја повикува Католичката црква да заземе повнимателен став.
Документот составен од Дикастеријата за доктрина на верата на Ватикан содржи построги правила за оценување на вистинитоста на тврдењата за разни „чуда“ и „привиденија“.
Се советува внимателно да се проверат и проценат појавите за да се утврди дека не се работи за измами и обиди за заработка.
Лажните појави можат „да му наштетат на единството на црквата“ и да предизвикаат скандали „што го поткопуваат кредибилитетот на црквата“.
Бројот на тврдења за различни натприродни феномени се зголеми во последните години во ерата на социјалните мрежи каде дезинформациите и гласините брзо се шират.
Новите правила велат дека бискупите треба да издаваат „нихил опстат“ во тие случаи, односно „нема пречка“. Тоа значи дека инцидентот нема да биде формално признаен како натприроден, но и дека нема пречки да се прослави.
Признанијата за натприродната природа на некој настан од страна на Ватикан се многу ретки.
Во новиот документ се наведува дека бискупите можат да донесат уште пет различни одлуки, вклучително и отфрлање на натприродното или дури и забрана на обожавање или верување во феноменот.
Според новите правила, бискупите секогаш треба да бараат одобрение од Ватикан пред да донесат одлука, а папата може да интервенира во некои исклучителни случаи.
Привиденија се случувале низ вековите, а оние што ги препознала црквата ги охрабрувале верниците и папите да одат на аџилак и да ги посетат местата каде што се случиле некои од нив.
На пример, милиони луѓе го посетуваат Лурд во Франција или Фатима во Португалија, каде Дева Марија наводно им се појавила на децата. Во 1930 година, Католичката црква официјално го прифати феноменот.
Но, некои други извештаи беа отфрлени како измислици од страна на црковните службеници. Така, во 2016 година, една Италијанка во мало гратче северно од Рим тврдела дека Исус и Марија и се појавувале редовно откако и донела дома статуа од Меѓугорје, каде што се тврди дека се појавила и Богородица.
Голем број луѓе почнаа да се собираат во близина на статуата и наводно добивале пораки кои вклучуваат предупредувања против истополови бракови и абортус. На локалниот бискуп му биле потребни осум години да ја „разоткрие“ приказната.