Достапни линкови

 
Наместо цвеќе, жените бараат државата да ги заштити жртвите од семејно насилство

Наместо цвеќе, жените бараат државата да ги заштити жртвите од семејно насилство


Илустрација
Илустрација

Расте бројот на жени кои се жртви на семејно насилство во последните четири години. Сместувањето во шелтер центри е краткотрајно, жртвите се брзо оставени на „милост“ на насилниците, предупредуваат невладините. Тие спречија законски измени кои предвидуваа на полицаец обвинет за семејно насилство да не му се одзема оружјето.

„Се омажив од љубов по неколкугодишна врска, но со раѓањето на првото дете мојот сопруг се смени преку ноќ. Ме обвинуваше дека сум лоша мајка, а бебето беше плачливо. Се пожалив на мајка ми, но таа ми рече трпение-спасение“. Вака за Радио Слободна Европа ја раскажува својата животна приказна, жена од внатрешноста на земјата, која сакаше да остане анонимна, а нејзиниот идентитет ѝ е познат на редакцијата.

Надежта за спас на бракот ја гледала во советување во локалниот Центар за социјални работи, но таму стручните лица ѝ рекле дека таа е за на психолог. Ситуацијата кулминирала по враќањето дома, кога во вечерните часови сопругот ја претепал.

Раѓањето на второто дете, вели нашата соговорничка, донело мир, но тоа траело кратко, сè додека таа не останала без работа.

„Се случуваше да ми рече да станам од масата за ручек, оти тој го купил јадењето. Одев во другата соба да плачам, а децата седнуваа до моите нозе и се чудеа зошто плачам“, раскажува жртвата на насилство.

Преселбата на семејството во една од земјите на ЕУ ѝ донела нови психофизички тортури, но за разлика од овде, таму социјалните служби издале забрана за малтретирање, одредиле и сума која сопругот на нашата соговорничка требало да ѝ ја исплаќа, а добил и наредба да се исели.

Институционални лавиринти и осуда од најблиските

Кога децата станале полнолетни таа решава да се врати во Северна Македонија. Се обидела да се разведе од сопругот, но без пари, оваа жена се соочила со нов предизвик – лавиринтите низ македонските институции и осуда од околината.

„Социјалните служби ми рекоа дека без полициски извештај и без лекарски уверенија за повреди не можат ништо. Тие исто така побараа лекарски уверенија, извештаи од полиција ама не од странска туку од наша, но јас немав пријавено насилство во македонската полиција“, вели жената.

По неколку години по судските лавиринти сепак успеала да се разведе од сопругот по 25 години брак.

Сѐ повеќе жени жртви на семејно насилство

За четири години, или од 2020 до 2024 година за 20 проценти е зголемен бројот на жени жртви на семејно насилство, покажуваат поодатоците на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Бројките пак, на Министерството за внатрешни работи варираат. Податоците кои МВР ги достави до РСЕ, покажуваат дека во 2024-та година, вкупниот број на жртви на кривични дела од семејно насилство изнесува 1.146, од кои 80 отсто се жени. Меѓу мажите насилници преовладуваат сопрузите на жртвите.

И покрај ваквите алармантни податоци, Министерството за внатрешни работи изготви измени на Законот за полиција кои задираат во прашањето за родово-базираното насилство. Веднаш жестоко реагираа неколку граѓански здруженија обединети во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Затоа МВР ја повлече предложената измена на членот 31, со кој практично се превидуваше да не му се одзема оружјето на полициски службеник кој сторил семејно насилство сѐ до правосилно завршување на судската постапка против него, потврдија од МВР за РСЕ.

Жртви на институциите

Најголем проблем останува што не само во полицијата, туку и во другите институции, жртвите на семејно насилство стануват и „жртви“ на несоодветен третман од страна на државните службеници.

„Се случува институциите да гледаат со презир кон жена која што била претепана, можеби била силувана, но ја третираат како сама да си го барала“, вели проектната координаторка во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Хајди Штерјова Симоновиќ .

Според неа, „алармот“ на институциите треба да се вклучи уште при пријавата на насилството, а жртвата и нејзините деца, доколку ги има, да добијат заштита и поддршка сè до целосна реинтеграција.

„Дури полицијата или центрите за социјална работа да постапат по сите чекори согласно закон, секогаш имаме некоја алка во системот која прекинува и од тука натаму жртвата од една страна е институционално виктимизирана, а од друга страна не ја добива заштитата. Тоа му дава сила на насилникот “, објаснува Шетрјова Симоновиќ.

А како да се дојде до решение?

Жената од внатрешноста од почетокот на оваа сторија, по враќањето во Северна Македонија додека се обидувала да се разведе од сопругот насилник барајќи помош од инситуциите како да удрила во ѕид, а дополнително наидувала на осуда од најблиските затоа што бара развод од сопругот насилник.

„И тогаш баш дома во 21 век наидов на толку тешкотии како да сум во среден век. Бев осудувана и од моите најблиски како отпадник од фамилијата заради тоа што барам развод“, раскажува таа за РСЕ.

Според Штерјова Симоновиќ, клучно е државата да ѝ помогне на жртвата економски и психолошки уште пред да се разведе.

„Насилникот е тој кој останува во домот. Иако законот дава можност тој да биде тргнат, тие мерки за жал, се уште многу ретко се применуваат од страна на центрите за социјална работа“, појаснува Штерјова Симоновиќ.

Иако за жртвите има интервентни и шелтер центри, по најмногу една година тие мораат да се иселат од таму, а тоа за нив е дополнителен проблем бидејќи кога се принудени да плаќаат кирија, живеат на прагот на сиромаштија.

Не сакаме ружи

Организациите кои ја следат оваа проблематика велат дека државата направила чекор напред во легислативата, но сепак е потребна подобра имплементација. Ова ќе биде и едно од барањата кое ќе го испорачаат на маршот по повод 8-ми Март.

„Ќе продолжиме да се бориме за правда за сите жени кои го загубија животот поради системската негрижа и фемицидите. Нема да дозволиме родилки да умираат или некој да ги касапи нашите тела и потоа да не одговара пред правдата. Сакаме безбедни јавни простори во кои се чувствуваме слободни!“, вели за РСЕ, извршната директорка на организацијата Тиииит! Инк, Андреа Угриноска.

Таа додава дека меѓу барањата, е и она за еднаков пристап до образование и кариерни можности, за крај на работната дискриминација, но и за можност за споделено родителско отсуство.


Таа потенцира дека иако се направени значајни промени, сепак сме далеку од идеалниот модел на функционирање, особено во руралните предели.

„Проблемот се протегнува како ланец. Започнува од првата пријава во полиција кога една жена жртва на семејно насилство ќе се охрабри да го направи тоа, при што не секогаш наидува на соодветен одговор од полициски службеници и често е предомислувана да ја повлече пријавата. Истото се проткајува и низ останатите институции и судскиот систем“, смета Угриноска.

XS
SM
MD
LG