Врачен мандатот, Бугарија е на пат да добие влада
Во повторен обид да се формира влада во Софија, Бугарскиот претседател Румен Радев му го врачи мандатот за формирање влада на Росен Жељазков – кандидатот за премиер, именуван од ГЕРБ-СДС, најголемата пратеничка група во 51-то Народно собрание.
- Господине Жељазков, вие добро знаете дека со прифаќањето на овој мандат преземате и голема одговорност. Бугарите предолго чекаа излез од политичката криза и редовна влада. Затоа и дадов повеќе време на вашата партија и вашите потенцијални партнери да ги разгледаат можните опции и да изнајдат работна формула, изјави Румен Радев, Претседател на Р.Бугарија.
По прифаќањето на мандатот, Жељазков рече дека во текот на последните два месеца вложени се големи напори да се постигнат потребните компромиси за управување со земјата.
- Нашата пратеничка група и партнерите со кои имавме тешки, но одговорни консултации, го ценат времето што ни го дадовте. Времето коешто не беше ниту изгубено ниту неценето. Водејќи јасно сметка за тоа, дека одејќи од избори на избори од кои не произлегува власт што ќе управува со државата, ништо добро не се случи во последните години, изјави Росен Жељазков – кандидатот за премиер, именуван од ГЕРБ-СДС.
Парламентарните избори во Бугарија се одржаа на 27 октомври 2024 година, а Радев одлучи да им даде дополнително време на партиите за преговори пред да го даде првиот мандат. На изборите победи партијата на десниот центар ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, освојувајќи околу 25 отсто од гласовите.