Распоредот на Сити во февруари е пеколен: Арсенал, Реал, Њукасл, Реал, Ливерпул...

Фудбалерите на Манчестер Сити за „влакно“ избегнаа елиминација од Лигата на шампионите, но не може да се презадоволни од ждрепката во нокаут фазата. Избраниците на Пеп Гвардиола во осминафиналето ќе играат против Реал Мадрид, ривал со кој во последните четири години играа осум пати.

„Ова веќе изгледа како дерби. Игравме против нив во секоја од последните четири сезони. Ќе биде тешко“, изјави Пеп Гвардиола во најавата за дуелот против Арсенал.

Кризата во Сити донекаде е сè уште присутна, иако минатиот викенд славеше над Челзи, а потоа направи пресврт против Клуб Бриж во клучниот натпревар за останување во елитното европско натпреварување.

На „граѓаните“ им претстои пеколен февруари, кој секако ќе го дефинира нивниот иден тек на сезоната. В недела на „Емирати“ се соочуваат со Арсенал, потоа ќе имаат шест дена одмор и меч против Лејтон Ориент во ФА Купот, каде Пеп сигурно ќе ги одмара играчите за напорниот распоред што им претстои. 

Три дена подоцна играат против Реал Мадрид на „Итихад“, а потоа повторно на истиот стадион го чекаат Њукасл, пред да отпатуваат за Мадрид. Следно дерби е против Ливерпул на 23 февруари, а потоа ќе гостуваат кај Тотенхем на крајот на месецот пред репрезентативната пауза.