Македонија

Пратениците и функционерите да земаат по 500 евра плата една година, ама да гласаат минималната плата да е исто толку за работниците, предложи ССМ

Со жестоки критики, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов се обрати кон пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски. Ова доаѓа откако Петрушевски кажа дека Трендафилов бара повисоки плати за работниците, а како синдикалец зема 75.000 денари плата. Упати порака до сите избрани и именувани лица.

„Од утре, мене и нив платата да ни биде 500 евра, ама заедно да изгласаат закон за работниците да добијат 500 евра минимална плата. Јас и они ќе примаме 500 евра плата една година, јас немам никаков проблем со тоа. И ги повикувам, следниот пат, текстот кога ќе го внесат во идиотот, и кога ќе читаат од идиотот, да прочитаат дека тие се согласни цела Влада, Собрание, директори, шефови, кои се ухлебани на државна сметка цел живот, да примаме 500 евра минимална плата, колку што ќе прмаат близу 200.000 работници“, рече Трендафилов.

Тој се осврна и на нападите кои доаѓаа на негова сметка од пратеникто Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Очекувам на првата наредна прес-конференција, колегата кога ќе чита од идиотот, да каже кој број на чевли носи Слободан Трендафилов. Доколку ги промаши, сѐ до сега му е лага и никој не може да го убеди во спротивното. Не е сериозно пратеник, со 118.000 денари да го осудува претседателот на ССМ, за 60.000 плата. Несериозно е да гледаат дека нема никакви реакции за 60.000 плата, да измислуваат 70.000 денари, на друг 104.000 денари. Го повикувам да даде од неговата плата, за да ми ги надополни овие 15.000 денари кои ги немам и секој месец да имам 75.000 денари, за да не лаже“, рече Трендафилов.

На почеток