Connect with us

Други спортови

Како се финансираат тимовите во Формула 1?

Претстојниот викенд ќе започне 76-та сезона на престижната Формула 1, и тоа во австралиската метропола Мелбурн. Оваа сезона се состои од рекордни 24 трки, а наедно е и прва сезона од 2019 година што започнува во Австралија, бидејќи трките во Бахреин и во Саудиска Арабија се одложени поради муслиманскиот свет месец Рамазан,

Формула 1 (Ф1) не е само возбудлив спорт на брзина и прецизност туку е и џиновска деловна империја во која се вртат милијарди долари. Тркачкиот шампионат, во сопственост на американската медиумска компанија „Либерти медиа“ (Liberty Media), забележа приходи од 3,6 милијарди долари во 2024 година, што е зголемување од 11 отсто споредено со претходната година, кога тие изнесуваа 3,2 милијарди долари.

Во последниве години Ф1 се соочува со критики дека ја заборава својата мисија, бидејќи монархиите од Блискиот Исток богати со нафта добиваат сè поголема моќ и удел во трките на сметка на некогаш легендарните места. Тимскиот шеф на „Мерцедес АМГ Петронас“ (Mercedes AMG Petronas), Тото Волф, на пример, за новата насока на Формула 1 рече дека „Ф1 повеќе не е спорт, туку платформа за забава“.

Неговите изјави се поткрепени и со податоци од аналитичката компанија „Нилсен“ (Nielsen). Бројот на глобални обожаватели на тркачкиот шампионат надминува 750 милиони луѓе. Сегашниот сопственик на франшизата, „Либерти медиа“, ја купи Ф1 во 2017 година за 4,4 милијарди долари, а денес се проценува дека вреди најмалку 17 милијарди долари.

Со рекордни суми пари што се вртат по тркачките патеки и стадионите, се фокусиравме на најважните делови од сложувалката и погледнавме колку заработуваат тркачките тимови.

Еден од главните извори на приходи за тимовите од Ф1 се паричните награди што ги распределува групата Формула 1. Тоа е група на компании што се одговорни за промовирање на Светскиот шампионат на ФИА во Формула 1 и за остварување на комерцијалните права за овој спорт.

За споредба да ја земеме 2022 година, кога Формула 1 генерира неверојатни 2,57 милијарди долари, при што околу 45 отсто од средствата одат во наградниот фонд. Тој удел изнесуваше приближно 1,15 милијарда долари во 2022 година и беше поделен меѓу тимовите врз основа на нивните остварени перформанси на трката и позицијата во шампионатот во делот за конструктори.

Ф1-тимовите се финансираат врз основа на постигнатите резултати во конкретната сезона. Тимовите со поголеми буџети имаат тенденција да ги надминуваат перформансите и да ги одминуваат тимовите со помали буџети, така што Ф1 во 2021 година воведе буџетски ограничувања за да го израмни теренот, односно условите за игра, и да ги ограничи трошењата на тимот.

Кога правилото стапи во сила во 2021 година, ограничувањето на трошоците беше 145 милиони долари, но во 2023 година беше намалено на 135 милиони долари, како што е и денес. Во минатото најголеми буџети имаа тимовите на „Ферари“ (Ferrari), „Мерцедес“ (Mercedes) и „Ред Бул“ (Red Bull).