Донатори креваат раце од демократите што тонат

Американските демократи и друг пат губеле претседателски трки, но на овие избори ги изгубиле и идентитетот и идеологијата, тврди нивна долгогодишна донаторка. „Тие се маѓепсани од транс-воук лудоста“, тврди Линди Ли. Нејзините бивши сопартијци, пак, потсетуваат дека до пред некој месец „ѝ пукало срцето“ по Џо Бајден.

Донаторите се заситени од хаосот во кој потонале американските демократи по претседателските избори и полека креваат раце од партијата што долго време ја поддржувале. Линди Ли, истакната симпатизерка што до лани собрала десетици милиони долари донации за Демократската партија за претседателската кампања, во декември се прости од партијата, откако била прекорена поради критиките на кандидатката Камала Харис.

Демократските донатори апсолутно, без ниту еден исклучок, се многу гневни и вознемирени поради состојбата на партијата. Не знам како ќе се извлечат од таа џунгла - изјави Ли во интервју за „Фокс њуз“.

Ли оценува дека партијата останала без кормило и е киднапирана од воук идеологијата, иако „компаниите бегаат колку што можат побрзо од оваа отровна агенда“.

Тоа е нивната религија, тоа е нивниот бог. Тие се маѓепсани од таа транс-воук лудост. Искрено, таа родова хистерија е речиси како социјална зараза - додава Ли.

Таа на демократскиот хоризонт не гледа ниту еден лик што би можел да ја води партијата во следниот изборен циклус.

Донаторката тврди дека ѕвездите како Бијонсе и Карди Би лажат дека не биле платени од кампањата на Камала за да се појавуваат и да говорат на митинзи. Хонорарите ги добивале нивните продуценти. 

Ли ги променила партиските бои и оптимистички верува дека ќе ги убеди своите донатори да ги пренасочат парите кон републиканците, кои ја пречекале со „неверојатна човештина и љубезност“.

Демократите се згрозени од „одмаздата“ на Ли и потсетуваат дека до неодамна „ ѝ пукало срцето“ по Џо Бајден, за кого тврдела дека заслужува втор мандат.

Бев со претседателот неколку минути по дебатата вечерва. Тој беше прекрасен, како што е секогаш, запаметил ситни детали за мене и моето семејство. Не ми е грижа што велат за овој голем човек, јас секогаш ќе бидам во Тимот Бајден, пишала Ли на 27 јуни.

На 21 јули, пак, на денот кога Бајден објави деке нема да се кандидира за втор мандат, Ли на Икс објавила:

Тој го промени мојот живот на безброј начини и ја водеше нашата земја низ еден од најтемните поглавја, горда сум поради него. Тој е еден од највеликите претседатели во историјата на нашата нација. Животна чест ми беше да го поддржувам.

17 февруари 2025 - 14:10