Министри од регионов на Форумот во Анталија: Заедништвото е патот кон просперитет и ЕУ
- На Дипломатскиот форум во Анталија, министрите за надворешни работи од регионот истакнаа дека стабилното и пријателско опкружување е предуслов за економски раст и напредок на Западен Балкан. Тие порачаа дека регионалната соработка е од суштинско значење за надминување на предизвиците и приближување кон Европската Унија.

Анталија, 12 април 2025 (МИА) - На Дипломатскиот форум во Анталија, министрите за надворешни работи од регионот истакнаа дека стабилното и пријателско опкружување е предуслов за економски раст и напредок на Западен Балкан. Тие порачаа дека регионалната соработка е од суштинско значење за надминување на предизвиците и приближување кон Европската Унија.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски нагласи дека солидарноста меѓу земјите од регионот, особено во тешки моменти, е доказ за силата на заедништвото. - По трагедијата во Кочани, видовме колку е важна поддршката од соседите. Тоа покажува дека, и покрај предизвиците, во тешки времиња се потпираме на пријателите. Позитивен пример за решавање на проблемите може да биде помирувањето меѓу Ирска и Велика Британија преку членството во ЕУ. Процесот нема да биде лесен, но мораме да го движиме регионот напред, изјави Муцунски.
Српскиот министер за надворешни работи во технички мандат, Марко Ѓуриќ, истакна дека регионалната политика е основа на надворешната политика на Србија. - За успехот на Србија зависи од квалитетот на односите со соседите. Во наредниот период ќе вложуваме во решавање на наследените проблеми од 90-тите и во создавање стабилно опкружување за висок економски раст. Предлагам десетгодишен мораториум на политички и етнички конфликти за да се фокусираме на суштинските прашања, рече Ѓуриќ. Тој додаде дека земјите од регионот треба инфраструктурно и економски да се поврзат, бидејќи „силни сме онолку колку е силен нашиот најслаб член“.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, потенцираше дека регионалната соработка е клучна за стабилност и европскиот пат на Балканот. „За иднината на младите во регионот, мораме да ја почитуваме историјата и различностите што ја збогатуваат европската култура. Политичката, економската и безбедносната соработка никогаш не била поважна. Дијалогот преку регионални платформи е од суштинско значење“, рече Конаковиќ.
Црногорскиот министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ, изјави дека Црна Гора е подготвена да стане членка на ЕУ до 2028 година, со очекување да ги затвори сите преговарачки поглавја до 2026 година. - Градењето добри односи со соседите е приоритет за нас. Како мала и разнолика држава, ја користиме регионалната соработка за поддршка на нашите национални интереси, нагласи Ибрахимовиќ.
Заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Мехмет Кемал Бозај, истакна дека солидарноста е клучна за Балканот. Потсетувајќи на помошта од земјите во регионот по земјотресот во Турција во 2023 година. - Тоа никогаш нема да го заборавиме. ЕУ не може да ја претставува цела Европа додека сите земји-кандидати, вклучително и Турција, не станат членки, потенцираше турскиот функционер. ссм/
фото: ДПА