Трамп го оцени бомбардирањето во Украина како страшно, но директно не ја обвини Русија

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го оцени нападот во Суми, на североистокот на Украина, каде загинаа 34 лица и беа повредени 117, како „ужасен“, но не ја обвини директно Русија.

„Мислам дека е тоа страшно. Ми беше кажано дека направиле грешка. Но, мислам дека е тоа ужасна работа“, изјави синоќа американскиот претседател пред новинарите.

Запрашан за таа „грешка“, Трамп одговори дека „тие направиле грешка“, без да прецизира на кого мисли. „Направиле грешка. Ќе треба нив да ги прашате“, рече Трамп.

Претходно, американскиот Совет за национална безбедност оцени дека бомбардирањето на Суми ја нагласува потребата од преговори за завршување на војната.

„Ракетниот напад врз Суми е јасен и остар потсетник зошто напорите на претседателот Доналд Трамп да се обиде да го заврши овој ужасен конфликт доаѓаат во клучен момент“, изјави портпаролот Брајан Хјуз.

Ниту Трамп, ниту Советот за национална безбедност не ја обвинија Русија за ракетниот напад, кој предизвика незадоволство кај меѓународната заедница.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во неделата го повика Трамп да ја посети неговата земја и сам да се увери што направила руската агресија.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното