Кери Барнел: Причината поради која сум родена со една рака е мистерија која треба да ја решам

09.10.2024 18:52
Кери Барнел: Причината поради која сум родена со една рака е мистерија која треба да ја решам

Кери Барнел е британска актерка, авторка и телевизиска водителка. Барнел напишала бајка за самовила со едно крило, која потоа ја извела на театарската сцена. Зад себе има голем број театарски претстави и телевизиски емисии емитувани во ударни термини.

Во 2009 година, таа почнала да води детски емисии на Би-Би-Си, што предизвикало бурни реакции кај родителите: тие се жалеле дека водителката со една рака ги плаши децата. Со поддршка на организациите за правата на лицата со попреченост, таа продолжила да води детски емисии во следните осум години. Кери е воедно и една од најпродаваните авторки на книги за деца.

Кери Барнел зборува за растењето со попреченост, станувањето актерка, творечките пориви и сопственото сфаќање на успехот:

„Причината поради која сум родена со една рака е мистерија, и сигурно не е единствена која треба да ја решам. Кога бев млада, не мислев дека имам попреченост, ниту дека нешто не е во ред со мене. Сметав дека тоа е само дел од мојата различност. Ги имам многу, а на оваа сум горда. Мајка ми имаше одличен став за тоа. Таа велеше:
„Ајде да го занемариме тоа и да не претпоставуваме дека проблемот постои додека не се појави”.

Мојата попреченост е прилично невообичаена и првенствено е од естетска природа, така што мислам дека повеќе се работи за тоа како другите се справуваат со тоа, отколку што мене ми предизвикува проблеми.

Никогаш не сум ја изгубила раката, ова е единственото тело што го познавам. Го живеам својот живот, речиси несвесна за тоа. Но, другите луѓе, луѓето без попреченост, го чувствуваат тоа како загуба. Се случува да ме прекинат или да ме застанат на улица и да ми поставуваат прашања во врска со мојата рака. Велат: „О, ја изгубивте раката... ”

Во такви моменти помислувам во себе: „Ништо не сум изгубила, не сум јас толку невнимателна. Секако, потешко ми е да направам одредени работи, но бидејќи отсекогаш имам една рака, наоѓам начини да правам што било”. На пример, имам тешкотии кога треба да сменам сијалица, но никогаш не помислувам: „Оф боже, мојата попреченост значи дека не можам да имам светло! Наоѓам начин или барам некој да ми помогне”.

Почнав да сфаќам дека имам попреченост кога се запишав во драмско училиште. Имав околу дваесет години. Штом пристигнав, ми рекоа дека сум актерка со попреченост. Што се однесува до мене, јас сум актерка и имам една рака, но пред сè сум: актерка. Но, сепак луѓето тврдат дека сум актерка со попреченост. Имав слични искуства кога барав работа во продавници, хотели и пабови. Често ме прашуваа: „Како ќе го местиш креветот или како ќе ги носиш пијалоците?” Сум работела во многу пабови и барови во Австралија, Манчестер и Лондон.

Самовилка со едно крило (Кери Барнел како девојче)

Требаше само да научам како да изведам нешто и да најдам начин да се прилагодам. Така што, често проблемот не е во самата попреченост, туку во тоа како другите гледаат на тоа. Научив една работа: ако сте среќни, насмеани и имате позитивен став, поголема е веројатноста да се вработите.

Порано носев протеза, но ја мразев бидејќи беше тешка, грда претопла. Топлината беше најлошиот дел. Имав чувство како раката да ми е постојано во сауна или потопена во лава, дури и во студените денови. Покрај тоа испушташе и смешни звуци. Мојата испотена кожа се залепуваше на неа, па кога требаше да ја соблечам, звучеше како да испуштам гасови. И смрдеше. Едноставно, сè во врска со протезата беше лошо. Во тоа време еден лекар ми рече: „Ако не ја носиш оваа рака, никој нема да се дружи со тебе”.

Пробав секакви чудни куки, раце, изуми. До својата деветта година, го отфрлив сето тоа. Разбирам дека на некои луѓе протезата може да им го промени животот и да им помогне да стекнат самодоверба. Но, не чувствував дека тоа ми е потребно, повеќе имав чувство дека треба да ја сокријам протезата.

Бидејќи поради дислексија не научив да читам до својата деветта година, развив вештини за комуникација и раскажување приказни. Открив дека со леснотија ги паметам страниците со текст откако ќе ги слушнам само еднаш или двапати. Тоа ме поттикна да земам часови по драма. Беше неверојатно забавно и се чувствував навистина исполнето. Бев опкружена со брилијантни луѓе и сите бевме фокусирани на имагинацијата и креативната игра. Истовремено, тоа значеше дека можам да ги користам вештините што ги развив.

Отсекогаш сум умеела да раскажувам приказни, што е од суштинско значење за актерството, и ја сакам божествената авантура на создавање на магичен свет, па пишувањето беше логичен чекор. Поради дислексијата, мајка ми долго време ми читаше приказни и ги сакав „Алиса во земјата на чудата”, „Петар Пан”, „Хајди”. Тоа се приказните кои ме инспирираа. Како возрасна, никогаш не престанав да читам книги за деца. Прекрасно е што постојат толку многу приказни и светови во кои може да се побегне.

Но, најчесто тие беа способни верзии на светот. Во тоа време не чувствував дека се разликувам од „Алиса во земјата на чудата”, но години подоцна сфатив дека нема различност во детските книги. Немаше ликови со попреченост кои се злобни или ладни, или принцези и шампиони. Тоа ме инспирираше во создавањето на ликовите во моите книги. Приказните се витален дел од детството, ја прошируваат нашата имагинација, ни помагаат да развиеме емпатија, ни даваат надеж и поттикнуваат описменување и учење. Суштински важно е сите сите да бидеме претставени во приказните.

Она што сакам да го кажам е следново: никогаш не се предавајте, никогаш не се откажувајте, но не жртвувајте го ни своето ментално здравје или потребата за забава. Работата не треба да биде приоритетна над сè друго. Доколку кариерата не ве прави среќни, не давајте приоритет на успехот пред удобен живот. Ако не работите, не е важно. Тоа не е нужно одраз на вас самите, туку на индустријата.

Понекогаш знаев да се испречам на патот на сопствената кариера. Толку очајно сакав да бидам актерка, што со тоа создавав непотребен стрес. Посакувам да навлезев во тоа посмирено, наместо да се чувствувам како да треба да докажам дека припаѓам таму”.

Извор: https://disabilityhorizons.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото