1009 hPa
72 %

14 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 20:59
Џон Чарлс Хокенбери (роден на 4 јуни 1956 година) е еден од најуспешните американски новинари. Повеќе од три децении известувал од целиот свет за неколку медиуми. Напишал десетици статии во списанија и весници, една драма и две книги, вклучувајќи го бестселерот Moving Violations: War Zones, Wheelchairs, and Declarations of Independence, финалист за наградата на Националниот круг на критичарите на книгата. Пишувал за Њујорк Тајмс, Њујоркер, Вајрд, Метрополис, Вашингтон пост и списанието Харпер.
Бил и презентер и модератор на многу конференции низ светот во врска со проектирањето и идејните решенија за градење објекти, вклучувајќи ја и ТЕД, Светскиот фестивал на науката во Њујорк и Бризбејн, симпозиумот за трансформација на клиниката Мејо и Фестивалот на комедијата во Аспен. Тој е истакнат соработник во лабораторијата за медиуми на МИТ.
„Во Америка пристапноста секогаш се однесува на архитектурата но никогаш на човечките суштества. Кај Израелците и Палестинците главно се однесуваше на луѓето.“
Хокенбери е истакната фигура во движењето за правата на луѓето со попреченост; и самиот се здобил со повреда на 'рбетниот мозок во сообраќајна несреќа на 19-годишна возраст, поради што има параплегија од градите надолу.
Хокенбери е роден во Дејтон, Охајо, а пораснал во Вестал, Њујорк и Мичиген. Дипломирал во 1974 година во средното училиште „Ист Гранд Рапидс“ во Ист Гранд Рапидс, Мичиген. Во 1976-та доживеал сообраќајна несреќа додека патувал автостоп. Возачот на автомобилот заспал и излетал, загинувајќи на лице место. 'Рбетниот мозок на Хокенбери бил оштетен и тој останал парализиран од средината на градниот кош надолу. Во тоа време работел на Универзитетот во Чикаго, но по повредата се префрлил на Универзитетот во Орегон.
Својата кариера ја започнал како волонтер за филијалата на Националното јавно радио КЛЦЦ во Јуџин, Орегон. Во 1981-та година се преселил во Вашингтон, каде бил водител на вести. Од 1989 до 1990 година бил домаќин на двочасовна ноќна емисија за вести наречена Heat with John Hockenberry. Во 15-годишната работа во радиото опфатил многу области од светот, вклучително и ангажманот како дописник од Блискиот Исток, известувајќи за војната во Персискиот Залив во 1991 и 1992 година. Освен тоа бил и дописник кој известувал за војни, глад, револуции. Патувал во Сомалија, Палестина, Иран и рекол дека го видел најдоброто и најлошото од човечкиот дух. Сето тоа го постигнал во инвалидска количка.
„Соединетите држави веројатно се поизолирани и помалку образовани за светот отколку пред половина век.“
По напуштањето на радиото во 1992 година, Хокенбери работел за вестите на Еј Би Си (1993-1995), известувајќи за граѓанската војна во Сомалија и раните денови на Ал Каеда во Авганистан, пред да се приклучи на Дејтлајн Ен Би Си како дописник во 1996 година.
Во 1996 година учествувал на театарскиот настан off-Broadway со неговата автобиографска драма, Spoke Man. Од 1996 до 1997 година бил домаќин на Edgewise, еклектична програма за вести на Ем Ес Ен Би Си.
Во 1999 година ја водел емисијата Хокенбери, шоу кое траело шест месеци. Во 1999-та известувал за војната во Косово. Неговите неделни радио коментари се емитувале на националната јавна радио програма The Infinite Mind од 1998 до 2008 година.
Бил наратор на серијата Nova Survivor M.D: Hearts & Minds, Who Cares: Chronic Illness in America, Remaking American Medicine. Исто така бил наратор и на документарниот филм за евгеника, War Against The Weak.
„Мислам дека попреченоста ти овозможува да бидеш креатор на целиот твој физички простор, но нормалните луѓе навистина немаат можност да го направат тоа. Сожалувањето често е шлаканица. Како можеш да ме сожалуваш? Погледнете што сум постигнал. Понекогаш сакате луѓето да го видат тоа.“
Добитник е на четири награди Еми (американска телевизиска награда, која се смета за еквивалент на Оскарите), три награди Пибоди (награда од радио индустријата која е еквивалент на Пулицеровата награда), наградата Едвард Р. Мароу (од областа на новинарството) и Медалот Кејси (годишна литературна награда за најдобра книга за безбол).