Во Велешкиот театар вечерва гостуваше Народно позориште од Ниш
- На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи –Константинов-Џинот“ во Велес вечерва беше одиграна една од најмоќните и најинтензивни драми на сите времиња „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ во изведба на Народно позориште од Ниш, а во рамките на Фестивалот на Комедијата 5 РЕ.

Велес,11 април 2025 (МИА) - На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи –Константинов-Џинот“ во Велес вечерва беше одиграна една од најмоќните и најинтензивни драми на сите времиња „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ во изведба на Народно позориште од Ниш, а во рамките на Фестивалот на Комедијата 5 РЕ. Претставата заедно со останатите е во конкуренција за наградите на Фестивалот 5 РЕ кои годинава првпат ќе се доделат на 16 април во среда вечер и тоа за најдобра женска и машка улога, за најдобра режија и најдобра претстава.
Театарската претстава „Фамилијата Адамс“ во режија и адаптација на Теа Беговска, ќе биде изведена утревечер со почеток во 20:00 часот на сцената на Велешкиот театар на 5 РЕ. Во претставата на Драмски театар Скопје во главните улоги настапуваат Предраг Павловски како Гомез Адамс, Трајанка Илиева Вељиќ како Мортиша Адамс, Нина Елзесер како Венздеј Адамс, Сашо Тасевски како Фестер Адамс, Томислав Давидовски како Пагзли Адамс, Гордана Ендровска како Бабата, Марјан Наумов како Лукас, Емилија Мицевска како Деби, Златко Митрески и Маја Вељковиќ Пановска во улогите на родителите на Лукас.
Во претставата како духови се појавуваат Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев.
Сценографијата е изработена од Никола Пијанманов, додека костимите се дело на Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев. Музиката ја компонираше Енес Беговски, а кореографијата ја потпишува Бојан Лазаров. За пиротехничките ефекти е задолжен Методија Најдоски.
Од театарот информираат дека претставата вклучува употреба на пиротехнички средства и нагласени звучни ефекти, за што продукцијата упатува предупредување до публиката.
Воедно потенцираат дека билетарата на театарот работи од 10 до 14 часот и од 18 до 20 часот, секој работен ден. Исто така, објаснуваат дека едно лице, максимум може да купи четири карти за една претстава. Нема резервации, секој еден поединец може да купи карти на билетара.ад/
Фото: МИА архива