Подгорица и Софија договараат директен авио-лет

Фото: Apostoloff, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Црна Гора и Бугарија разговараат за воведување летови меѓу Подгорица и Софија како дел од новиот проект „Дестинација Балкан“, кој има цел да воспостави заеднички туристички производ и воздушно поврзување меѓу двата главни града.

Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт, Гроздан Караџов, рече: „Со европскиот пазар кој сега е либерализиран, ги имаме сите неопходни услови да ја направиме оваа воздушна врска реалност. Ваквата рута значително ќе го поттикне туризмот и ќе ги зајакне економските врски меѓу нашите региони. Дополнително, аеродромот во Софија нуди намалени такси за летови до новите дестинации, обезбедувајќи силен поттик за авиокомпаниите да учествуваат“.

Црногорската министерка за туризам, Симонида Кордиќ, додаде: „Дестинацијата Балкан има цел да ги обедини напорите на балканските земји во понудата на заеднички пакет за туристите со цел да привлече посетители од далечните пазари како Јапонија, САД, Кина, Индија, Латинска Америка, итн. Воздушното поврзување ни е многу важно и императив е оваа нова услуга да се воведе што е можно поскоро“.

На разговорите на високо ниво присуствуваа извршниот директор на аеродромот во Софија, Хесус Кабаљеро Пинто, како и главниот директор за маркетинг и развој на бизнисот на аеродромот, Димитар Биков.

Во соопштението, аеродромот во Софија рече: „Оваа перспективна рута не само што ќе поврзе два главни града, туку и ќе дејствува како движечка сила за зајакнување на туризмот и економските врски во регионот. Аеродромот во Софија е горд што поддржува иницијативи кои придонесуваат за одржлив развој на Балканот како атрактивна туристичка дестинација и центар за деловни можности. Со нетрпение ги очекуваме следните чекори и подготвени сме да обезбедиме најдобри услови за нови воздушни врски“.

Иако ваквите иницијативи покажуваат позитивен чекор кон подобрување на поврзаноста на Балканот, Македонија сè уште нема директни летови ниту до Подгорица, ниту до Софија. Ова ја става земјата во неповолна позиција кога станува збор за регионалната соработка и развојот на туризмот, бидејќи воздушните врски се клучни за економска интеграција и привлекување туристи од далечни пазари.

Зачлени се на нашиот е-билтен