Connect with us

Банки

Работилница на Народната банка: СЕПА ќе донесе заштеда од 16 милиони евра годишно за иселениците и за нивните семејства

Објавено

на

По пристапувањето во Единствената област за плаќање со евра (СЕПА), прекуграничните плаќања ќе се извршуваат во рок од еден ден, а доколку се користат системите за инстант плаќања − во рок од неколку секунди, додека во моментов тоа трае три дена, во просек и граѓаните од регионот на Западен Балкан имаат повисоки трошоци за шестпати, во просек, за прекуграничните плаќања од граѓаните во ЕУ. Ова беше посочено од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“. Таа изрази благодарност до високиот гостин, Масимилијано Паолучи, директорот на Светската банка во земјава и неговиот тим, кои посветено ги поддржуваат напорите на централната банка во трансформацијата на платежната инфраструктура, поставувајќи ги основите во финансиската сфера на патот кон ЕУ.

Економските врски на нашата земја со членките на СЕПА се силни и постојано растат. Над две третини од нашата надворешна трговија се врши со земјите од СЕПА, што е еквивалентно на 101% од нашиот БДП. Покрај тоа, 87% од нашите вкупни одливи и 77% од вкупните приливи се извршуваат во евра. Со пристапувањето кон СЕПА ќе ги поедноставиме и ќе ги намалиме трошоците за овие плаќања, обезбедувајќи значителни придобивки за нашата економија и зајакнување на нашите врски со Европа“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што порача дека напорите на централната банка резултираа со поднесено барање за пристапување во СЕПА, на 10 јули годинава.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна и дека „поевтиниот, побрз и поефикасен платен систем ќе придонесе за поголема конкурентност на нашиот корпоративен сектор и негова понатамошна интеграција во ЕУ, особено на микро-, малите и средните претпријатија, коишто се столбот на нашата економија и вработуваат околу 75% од сите вработени и создаваат околу 70% од додадената вредност“. Таа нагласи дека нашиот финансиски систем значително се трансформира и ги зајакнува своите капацитети за обезбедување подобра услуга за домаќинствата и компаниите, што се гледа преку постојаното зголемување на финансиското посредување коешто достигнува 89% од БДП.

На работилницата беше истакнато дека придобивките од модернизацијата на плаќањата ќе бидат особено значајни и во делот на дознаките, коишто пристигнуваат преку банкарските канали, како и намалувањето на сивата економија. 

Со оглед на фактот што приливот од дознаки сочинува 3,1 отсто од БДП, намалувањето на трошоците од 3 отсто за трансакциите со дознаки ќе придонесе за годишна заштеда од 16 милиони евра за иселениците и нивните семејства. Студиите на Светската банка покажуваат дека со префрлување на 10 отсто од плаќањата извршени во готовина во дигитални плаќања може да се намали сивата економија за приближно 2 отсто“, истакна Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за земјава и за Косово.

Со приклучувањето на земјава кон СЕПА не само што ќе се намалат трошоците за трансакции во евра, туку ќе се обезбедат подобри услови за меѓународна соработка, трговија и инвестиции, преку подобрено управување со готовинскиот тек, зајакнат пристап до пазарите во ЕУ, како и подобри односи со деловните партнери, овозможено преку побрзо порамнување на плаќањата“, оцени вицегувернерката Емилија Нацевска, обединувајќи ги заклучоците од дискусиите на работилницата „Европското законодавство за плаќања и СЕПА“, при што истакна дека целта на Народната банка е да ги трансформира идеите и стратегиите за коишто се разговара во конкретни акции за натамошна модернизација на платежните системи, усогласувајќи ги со стандардите на ЕУ и обезбедувајќи поинтегрирана иднина за нашата економија.

Работилницата којашто се организира на иницијатива на Народната банка и Светската банка во рамките на проектот за модернизација на плаќањата на Западен Балкан, беше поддржана и од Европската комисија, како и Регионалниот совет за соработка, Секретаријатот на ЦЕФТА, Европската централна банка и од Европскиот совет за плаќања.

Банки

Норвешката централна банка е подготвена за поголема нестабилност на пазарот

Објавено

на

Норвешката централна банка (Норгес Банка) е будна и подготвена за потенцијално продолжена нестабилност на глобалните финансиски пазари, изјави гувернерката Ајда Волден Баче во интервју за агенцијата „Ројтерс“. Таа нагласи дека институцијата внимателно го следи развојот на настаните и останува подготвена да реагира доколку ситуацијата тоа го наложи.

Изјавата доаѓа по бурниот почеток на неделата на глобалните берзи. Акциите забележаа силни осцилации во понеделникот, откако инвеститорите реагираа на новите трговски мерки на американскиот претседател Доналд Трамп. Станува збор за значајно зголемување на тарифите, кои доведоа до најголемиот неделен пад на американските берзи од почетокот на пандемијата COVID-19 пред пет години.

„Неизвесноста околу економските изгледи е поголема од вообичаеното и сметам дека треба да бидеме подготвени за понатамошни флуктуации на финансиските пазари“, изјави Баче. Таа додаде дека е клучно централната банка да има претпазлив пристап и да ги анализира сите релевантни индикатори со висока прецизност.

Гувернерката истакна дека иако тековната пазарна ситуација е предизвикувачка, таа во многу аспекти се разликува од условите што преовладуваа за време на здравствената и економска криза предизвикана од COVID-19. Според неа, оваа епизода на нестабилност не е проследена со истата структура на ризици, ниту бара итни мерки од страна на монетарната власт.

„Во моментов не даваме нови сигнали за монетарната политика“, нагласи гувернерката Волден Баче, притоа додавајќи дека банката сѐ уште не изготвила нови економски прогнози за Норвешка.

На прашањето дали норвешката централна банка (Норгес Банка) стапила во контакт со други централни банки за евентуална координирана интервенција или размена на информации, таа кусо одговори: „Не“.

Потенцијални импликации за норвешката економија и инвеститорите

Иако норвешката централна банка (Норгес Банка) во моментов не сигнализира промени во монетарната политика, засилената глобална финансиска нестабилност може да има неколку важни последици за норвешката економија и домашните инвеститори.

Прво, продолжена нестабилност на меѓународните пазари може да изврши притисок врз норвешката круна, особено доколку инвеститорите почнат да бараат „сигурни пристаништа“ како американскиот долар или златото. Ослабувањето на домашната валута би можело да предизвика инфлаторски притисоци, што би ја ставило централната банка во тешка позиција – помеѓу потребата за стабилизација на цените и потребата да не се задуши економскиот раст.

Второ, иако Норвешка има силен фискален буџет и значајни резерви преку суверениот фонд, можно е негативни пазарни движења да влијаат врз приносите на инвестициските портфолија, особено оние поврзани со глобалните акции. Ова може да влијае и на расположливите средства за државни програми, особено доколку се активираат дополнителни механизми за стабилизација.

На крај, неизвесноста може да ја намали склоноста кон инвестиции и потрошувачка кај домаќинствата и компаниите. За инвеститорите, ова е период кој бара внимателна проценка на ризиците, поголема диверзификација и можеби побезбедни позиции, барем краткорочно.

Иако ситуацијата е различна од пандемијата COVID-19, како што нагласи гувернерката Волден Баче, потребата за внимателно следење на економските индикатори и флексибилност во стратегиите останува клучна – како за институциите, така и за индивидуалните инвеститори.

Продолжи со читање

Анализи

Девизните резерви на крајот на март достигнаа 4,78 милијарди евра – најголем дел вложени во државни хартии од вредност

Објавено

на

На крајот на март 2025 година, бруто девизните резерви на Република Северна Македонија изнесуваат 4.788,1 милиони евра, покажуваат најновите податоци објавени од Народната банка. Овој износ претставува стабилно ниво на девизни резерви, што придонесува за одржување на макроекономската стабилност и довербата во монетарната политика на земјата.

Анализирајќи ја структурата на резервите, најголемо учество имаат инвестициите во државни записи, кои сочинуваат 77,0% од вкупните резерви. Оваа состојба укажува на претпазливо управување со средствата, преку инвестирање во нискоризични и ликвидни инструменти, што е во согласност со конзервативниот пристап на централните банки.

Втор по големина сегмент во структурата на резервите е монетарното злато, кое учествува со 13,4%. Златото традиционално се смета за сигурна актива, особено во услови на глобални финансиски неизвесности и геополитички тензии, па неговото значително присуство претставува дополнителна заштита на девизните резерви.

Остатокот од 9,6% се однесува на валути и депозити, што дополнително ја зајакнува ликвидноста и флексибилноста на резервите, овозможувајќи брза реакција во случај на надворешни шокови или потреба за интервенција на девизниот пазар.

Ваквата структура на девизните резерви претставува индикатор за стабилност и дисциплинирана фискална и монетарна политика. Воедно, таа овозможува сигурна поддршка за надворешната позиција на земјата, вклучително и за покривање на увозот и обврските кон странство.

Продолжи со читање

Банки

Триглав Oсигурување Живот и Халкбанк со нови атрактивни можности за осигурување на живот за корисници на станбен кредит

Објавено

на

Станбениот кредит е одлична можност за решавање на значајната животна потреба за сопствен дом, кој пропратен со осигурување на живот за корисникот на кредитот е вистинското решение за финансиската сигурност и стабилност на целото семејство.

Атрактивната комбинација на банкарски и осигурителни производи овозможува кредит со вклучена полиса за осигурување на живот за кредитобарателот, која има за цел да обезбеди финансиска сигурност за неговото семејство во услови кога тоа се задолжува со висок износ и на долг временски период полн со неизвесности.

Триглав Осигурување Живот во соработка со Халкбанк креираше нови продукти за осигурување за сите корисници на станбен кредит, кои обезбедуваат месечно плаќање на премијата вклучена во амортизациониот план на кредитот.

Со овој новитет корисниците на станбен кредит во Халкбанк добија можност да склучат полиса која им обезбедува сигурна отплата на кредитот од страна на Триглав Осигурување Живот АД Скопје во случај на неочекуван немил настан (смрт) на кредитобарателот, при што полисата е вклучена и во амортизациониот план на кредитот.

“Овозможуваме уникатни производи креирани според потребите на клиентите кои се корисници на станбен кредит во Халкбанк. Тие имаат можност да изберат помеѓу три вида продукти за осигурување, кои им овозможуваат премијата да ја плаќаат месечно заедно со ануитетот за кредитот се до отплата на станбениот кредит, а им обезбедуваат и осигурување во случај на смрт од болест или незгода. Со ова на корисниците на станбен кредит им понудивме навистина квалитетна и максимално корисна понуда за осигурување при долгорочно кредитирање”, велат од Триглав Осигурување Живот АД Скопје.

Полисата за осигурување на живот на корисник на кредит е полиса со осигурена сума која го следи амортизациониот план на кредитот, а има за цел да обезбеди отплата на кредитот од страна на Триглав Осигурување Живот АД Скопје во случај на ненадеен немил настан (смрт) на кредитобарателот. Оваа полиса има можност и за вклучување две осигурени лица на една полиса, со што обезбедува отплата на кредитот во случај на неочекувана смрт на кој било од двајцата осигуреници.

За уште поголеми бенефити за клиентите, Халкбанк за корисниците на станбен кредит нуди и осигурителни полиси вклучени во амортизациониот план на кредитот, кои имаат и штедна компонента. Полисата за Ризико осигурување со 30% поврат на премија и Полисата за Осигурување на живот со штедење со двојна осигурена сума во случај на смрт се со фиксна осигурена сума во случај на неочекувана смрт за цело времетраење на осигурувањето, која е во висина на износот на станбениот кредит. Овие полиси примарно гарантираат отплата на кредитот во случај на неочекуван немил настан (смрт) на кредитобарателот, а можниот вишок на средства се исплаќа кон корисникот кој го одредил самиот кредитобарател, со што се обезбедува и дополнителна финансиска сигурност за најблиските. Штедната компонента, пак, гарантира поврат на вложените средства при доживеан истек на осигурувањето.

Со оваа заедничка понуда на Триглав Осигурување Живот и Халкбанк корисниците на станбен кредит добиваат ефикасно и персонализирано финансиско решение за остварување на една од најголемите животни желби без финансиски грижи и потешкотии.

За дополнителни информации за понудата, како и за да ви помогнеме да изберете најдобро решение за вашата финансиска сигурност, посетете ја најблиската филијала на Халкбанк АД Скопје.

Продолжи со читање

Популарно