Авалон Продукција веќе 30 години ги поместува границите и можностите, ги урива сите предрасуди и овозможува Македонија да се најде на светската музичка мапа. Секоја година тие ни покажуваат дека со напорна работа и вистинска посветеност, светот ќе го препознае реалниот квалитет.
Доказ за тоа е и листата на светски музички ѕвезди кои успеаа да ги донесат на култниот фестивал „Skopje Calling“ , кој на 6 јули ќе го отвори музичката икона Grace Jones, а на 7 јули, спектакуларна вечер Telekom Electronic Beats presents: A Deeper Underground Closing Party of Skopje Calling, кога ќе настапи Sevdaliza, една од најекстравагантните и најоргинални појави во поп- културата.
Telekom Electronic Beats повеќе од 20 години ja поддржува електронската музичка сцена и интернационалната клубска култура, со што се наметна како централна платформа за иновативни музички настани, какви што впрочем се и самите концерти на Sevdaliza, oд аспект на аудио – визуелно искуство.
Sevdaliza со секоја своја песна ги поместува уметничките граници, креира врвни визуелни дела и постојано ги менува и истражува границите на својот креативен процес.
Велите дека постојано покажувате лична, искрена и сурова страна на целиот просец на творење, дејствување а не само разубавен, полиран готов производ. Кои емоции ги буди кај вас самиот процес на создавање една музичка творба?
Зависи од делото и од тоа каде сум во моментот. Како некој кој страда од хронична болка, целосно го примам човечкото искуство, хаосот и убавината, трансформирајќи ја болката и несовршеноста во уметност. Јас создавањето го чувствувам како процес кој е катартичен и хаотичен,кој ве притиска и форсира да се соочите со вашите сенки, како и со вашите најдлабоки желби.
Потекнувате од семејство на поети, па убавиот збор бил секогаш бил дел од вашето растење, како и љубовта кон музиката. Имате ли некој спомен од детството, што на вас оставил најсилен впечаток и влијаел на изградбата на вас како музичарка?
Не постои едно единствено сеќавање, еден спомен, туку постојана, нераскинлива присустност на музиката и убавините на јазикот во мојот живот. Мојата мајка пишуваше прекрасна поезија, нејзините зборови се исполнети со емоции и живописни слики и во мене разгорија љубов кон раскажувањето на приказни. Започнав да пишувам на рана возраст, а влијанијата и искуствата од детството дефинитивно го обликуваа и силно влијаеа на моето пишување на песни.
Покрај вокалните квалитети, многу важен дел од вашиот личен израз се исклучително визуелно впечатливи артистични видеа за песните што ги изведувате. Каков белег сакате да оставаат вашите музички видеа за вас и вашата кариера?
Музичките видеа кои ги креирам имаат цел да го прикажат животот како многу повеќе од само позадина. Слично на режисерите-автори кои ги почитувам, ги замислувам како автономни уметнички дела, од кое секое раскажува уникатен наратив и дистинктен визуелен израз. Овие видеа, исто како и музиката која ја промовираат, имаат цел да ги поместуваат границите и да остават траен впечаток.
Вашата отвореност и храброст ве направија пионер и вашиот робот Далија стана првиот уметник создаден од вештачка интелигенција AI, кој овозможува на корисниците ширум светот да го користат вашиот глас во создавање на нови музички дела. Кои се предностите од овој вид на размена на умови и таленти?
Далија отвори свет на можности. Една од клучните предности е демократизацијата на креативноста – ова им овозможува на луѓето од сите делови на светот да експериментираат со мојот глас и да создаваат нови дела. Далија ги поместува границите на традиционалната човечка емотивност со технолошкиот напредок.
Како влијае мајчинството на вашиот уметнички израз и креативен процес, и на кој начин го обликува вашиот поглед на животот и светот околу вас?
Мајчинството длабоко го обликува мојот уметнички израз и креативен процес, трансформирајќи го мојот поглед на животот и светот околу мене на начини кои никогаш не ги предвидував. Иако музиката беше мојата прва љубов, љубовта што ја чувствувам како мајка надминува сè што сум доживеала. Таа донесе длабочина на моето уметничко творештво, го исполни со поголемо разбирање за љубовта, трпението и отпорноста. Ова ново поглавје не само што ме приземји, туку и го запали обновеното чувство на цел и страст во моите креативни напори. Балансирањето на предизвиците и убавината на мајчинството го промени мојот поглед целосно, ми даде подлабока почит кон комплексностите на животот и негувачките аспекти на ова постоење.
Често преку својата, музика, песни, текстови, видеа и преку сите ваши визуелни изразувања испраќате многу силни активистички пораки за многу политички, полови неправди и лични ваши битки и преживувања, како што беше случајот со музичкото видео „Oh My God“. Што за вас лично претставува ова музичко видео и како тоа влијаеше на колективната свест?
“Oh My God” започна како длабоко лична изјава, но многу брзо разви поширок наратив. Овој развој се одразува на интуитивната и колективната суштина на мојата музика, длабоко вкоренета во моето иранско наследство. “Oh My God”ја надминува мојата лична приказна, тоа е колективен повик за акција, поттикнувајќи гласовите да бидат чуени и приказните да бидат споделени. Зборува за постојаното чувство дека си набљудуван, осудуван и контролиран, искуства во кои се пронаоѓаат многумина. Подоцна, за време на креативниот процес, значењето на видеото значително се прошири, трансформирајќи се од лично размислување во моќна протестна песна која се занимава со широко распространетите анксиозности на нашето време.
Може ли да ни кажете нешто повеќе за вашиот нов сингл „ALIBI и колаборацијата со Pabllo Vittar & Yseult? Што ви беше најголем предизвик кај оваа соработка?
“Alibi” е моќно истражување на универзалната божествена женска енергија, обработувајќи теми како љубов, болка и отпорност кои длабоко понираат во сите нас. Соработката со Пабло Витар и Изеулт беше неверојатна можност да ги споиме нашите уникатни гласови и перспективи во песна која ја прославува силата и солидарноста на жените. “Alibi” зборува за пронаоѓањето на безбедност и поддршка едни во други, особено во свет кој носи бесмилосни предизвици за жените. Преку истражувањето на темнината, “Alibi” стои како доказ за нашата колективна способност да се издигнеме заедно. Оваа песна предизвикува заблуди и го поттикнува прифаќањето на сопствената уникатна сила и убавина. Во свет кој често нè става едни против други, “Alibi” нè поканува да создадеме сестринство каде секоја од нас може да постои како моќно божествено суштество.
За крај какви се вашите очекувања од македонската публика и од „Skopje Calling 2024“?
Очекувам македонската публика да ,,растури”.