Трамп се огласи додека сè укажува на уште еден „колеж“ на берзите

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата рече дека „понекогаш мора да пиете лекови“ на прашањето на новинарите за турбуленциите на светските пазари на капиталот, додавајќи дека тој намерно не влијаел на распродажбата на пазарите, додека фјучерсите укажауваат на уште еден тежок ден на берзата.

„Не сакам ништо да падне, но понекогаш треба да пиете лекови за да поправите нешто“, им рече Трамп на новинарите на летот на претседателскиот авион „Air Force One“ за економските последици од неговите огромни царини. „Другите земји се однесуваа лошо со нас бидејќи имавме глупаво водство што дозволи тоа да се случи“, додаде тој.

Зборувајќи со новинарите, Трамп не покажал знаци на повлекување од неговите планови за царинската политика или загриженост за огромните загуби на Волстрит, забележува Reuters додавајќи дека тие веќе избришаа речиси 6 трилиони долари од американските акции во четвртокот и петокот.

„Што ќе се случи со пазарите, не можам да ви кажам. Но, нашата земја е многу посилна“, тврди Трамп.

Рекол и дека нема да склучи договор со Кина доколку не се реши трговскиот дефицит што го имаат САД со таа земја.

„Ако не го решиме тој проблем, нема да склучам договор“, рекол Трамп.

Додал дека разговарал со европските и азиските челници за царините наметнати од неговата администрација, додавајќи дека тие „умираат од желба да постигнат договор“.

„Доаѓаат на масата. Сакаат да разговараат, но нема разговор освен ако не ни плаќаат многу пари на годишна основа“, рече Трамп.

Американските цариници во саботата почнаа да наметнуваат еднострани царини од 10 отсто на Трамп за сите увозни производи од повеќе од 180 земји. Повисоките „реципрочни“ царински стапки, кои се движат од 11 до 50 отсто за одделни земји, треба да стапат на сила во среда.