Лиценците ќе одат на систематски преглед на шест месеци
26 март 2025Почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи, одобренија и овластувања се предвидуваат со предлозите за измени и дополнувања на седум закони кои се во надлежност на Министерството за транспорт, а кои Владата ги усвои на вчерашната седница, откако трагедија во Кочани откри многу аномалии.
„Имајќи предвид дека се издаваат многу лиценци, одобренија, дозволи или овластувања од страна на Министерството за транспорт, овие законски измени имаат за цел да предвидат законска обврска двапати годишно да се врши таа проверка на сите иматели на лиценци издадени согласно Закон. Тоа секако не ја исклучува можноста да се вршат повеќе контроли односно почести од предвидените со закон, сѐ со цел обезбедување на квалитетни услуги и сигурност на граѓаните кои се корисници на тие услуги од лицата иматели на лиценци“, соопшти владината прес-служба. Досега такви контроли воопшто не биле предвидени. Предложените законски измени предвидуваат при следните контроли жалбата да не го одлага извршувањето, односно суспензија да има веднаш.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се надева дека предложените измени уште следната недела ќе поминат и во Собранието.
„Наша цел е да ги натераме оние кои доброволно побарале лиценца - ако можеле да ги исполнуваат законските услови на денот на барањето - да мора да ги исполнуваат и во текот на целокупното работење. Наша цел е да се подобрува општеството, не е да казнуваме, казната доаѓа како превентивна мерка“, рече Николоски.
Продавачи на овластувања
Досегашните контроли на над 3.100 лиценци во градежниот сектор, урбанистичкото планирање и надзор, покажаа дека кај 479 биле констатирани неправилности поради што правните лица може да останат без лиценци. Меѓу нив има и фирми со А лиценци за градби од прва категорија како пруги, патишта, термоцентрали или брани.
„Поразителна информација, но за жал, за мене не е изненадувачка, бидејќи ги следам состојбите во градежништвото, вклучен сум во многу процеси и горе долу ги познавам работите како се движат и аномалиите кои се присутни“, вели деканот на Градежниот факултет на УКИМ, Горан Марковски.
„Тоа значи дека практично од стекнувањето на лиценцата кога условите биле исполнети, не е извршена никаква проверка дали тие услови компанијата сѐ уште ги исполнува или не. И тоа е еден вид на малверзации што се прават при добивање лиценци. Таквите компании после стекнуваат право да градат или да проектираат сериозни објекти, и прашање е дали го поседуваат потребното знаење, ако оние лица врз чии овластувања добиле лиценца повеќе ги нема во фирмата“, рече Марковски на ТВ Телма.
Според професорот, сериозен недостаток во Законот за градење е можноста да се вработуваат стручни лица со овластувања, на два часа работа.
„Тука се тргува со овластувањата. Тие лица воопшто не се појавуваат на работа, туку едноставно своето овластување го продаваат во неколку фирми истовремено, без притоа навистина да учествуваат во процесот“, посочи Марковски.
Општините ќе достават преглед
Предложените законски измени не се единствената мерка која треба да стави крај на пропустите. По контроли во угостителските објекти, систематски преглед на состојбите тече и во општините.
„Сите градоначалници до крајот на месецов треба да обезбедат записници за безбедноста на училиштата, градинките, спортските сали и за сите културни установи под нивна надлежност, кои потоа ќе бидат споделени со Владата и јавноста на заеднички координативен состанок“, информираше Орце Ѓорѓиевски, претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода.
„Заклучокот на ЗЕЛС е дека во најголем број случаи, ја земам предвид и мојата општина, со потписи е потврдено од сите стручни лица кои учествувале во процесот дека има целосна документација, дека противпожарните апарати, хидрантите се на број и сите се исправни. Вакви записници треба да обезбедат сите градоначалници до крајот на овој месец, и за училиштата, и за градинките, и за спортските сали и за сите културни установи кои ги имаат под нивна надлежност и тие да ги споделиме со Владата, на еден заеднички координативен состанок, како и со јавноста“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, сегашниот систем се базира на дискрециско право на инспекторите за постапување, наместо на законски утврдени рокови.
„Нам ни треба облигациона обврска, кога да постапува секоја инспекција во даден временски период. Тоа е она што недостасува. А институциите треба да проверат колку од тие годишни планови се во суштина реализирани во пракса“, сугерира Ѓорѓиевски.