Левицата со демант до ВМРО-ДПМНЕ: Цената на квадратот е дефинирана со деловни преговори

Левица ги демантира, како што велат, паушалните обвинувања на премиерот Мицкоски и неговата криминогена партија, кои во обид да го амортизираат нивното катастрофално работење, шират невистини и спинови за единствената легитимна опозиција Левица.

 

Ваквата реакција доаѓа откако Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, го обвини Димитар Апасиев дека купил деловен простор во Центар за 721 евра м2.

 

„Покрај обидот на Мицкоски да направи сензација од непостоечка тема, мислејќи дека ареолот на криминал кој тие го имаат воспоставено во политиката во однос на нивната Бела палата, ќе се преслика на другите политички партии – ја информираме јавноста дека Левица преку хипотекарен кредит ги обезбеди своите први простории откако постои, како централа за сите политички активности на Партијата. Односно, купените простории се под залог. Цената на квадратот, како и во сите случаи на купопродажба, е дефинирана со деловни преговори помеѓу продавачот и купувачот. Се работи за подрумски простории, кои се во руинирана состојба. Со спомнуваната банка Левица нема никаква деловна соработка, освен како продавач на овој имот кој бил под стечај веќе две години и пропаѓал“, велат од партијата.

 

Од Левица додаваат дека документите за купопродажба се јавно достапни во Катастарот на недвижности, иако, како што велат, премиерот на собраниската говорница мафташе со документи како да се службена тајна. „Имено, кога станува збор за тајни документи, нам како опозиција повеќе не’ загрижува вмешаноста на високите владини функционери во излевањето на државни тајни кон картели преку своето обезбедување“, се наведува во демантот од Левица.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.