До кога администрацијата на Центар ќе работи во бараките стари повеќе од 60 години?

Пред два дена заврши изложбата на наградените идејни решенија за изгледот на новата зграда во која би требало да биде сместена општинската администрација на Центар во Скопје, каде граѓаните можеа да ја погледнат новата визија на архитектите.
Идејата за општинска зграда за вработените во Општина Центар е одамна, но и по неколку почнати, а незавршени идеи, тие работат во бараките изградени по 1963 година, по земјотресот во Скопје.
Покрај зграда треба да се изгради и подземен паркинг
Архитектонската изложба „Општина за нас“ во КСП Центар – Јадро, покажа дека овој простор може да биде современо решен, а покрај нормални и соодветни простории за вработените, може да го реши и проблемот со паркирањето. Имено, дел од парцелата, кој допира со двете сообраќајни артерии булеварот „Илинден“ и улицата „Орце Николов“, треба да се намени и да се изгради подземен паркинг, што би го решило проблемот со паркирањето и за вработенит, но и за сите оние кои доаѓаат во Дебар Маало во бројните ресторани и кафеани.
Трите најдобри архитектонски проекти, избрани преку транспарентен конкурс, ја покажаа оваа нова визија за современа, отворена и функционална општина, која наскоро ќе стане реалност, најави градоначалникот Горан Герасимовски, при отворањето на изложбата. Тој е свесен, дека и покрај тоа што изградбата би почнала, според неговите планови, со унгарските пари, кои Владата ги дели по општините за реализација на капитални проекти, таа нема да може да биде реализирана во овој мандат. Но, сепак, Герасимовски не дава никакви гаранции, освен слободната волја на неговиот наследник, да оствари планови на претходник, што знаеме дека кај нас тешко оди.
Како пример може да се посочи и примерот од времето на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, кој на чело на оваа скопска општина беше од 2009 до 2013 година. И тогаш беше распишан конкурс за идејно решение за општинска зграда. Од Општина центар не одговорија на нашето прашање колку пари биле даде тогаш за награда на идејните решенија.
„Конкурс за изработка на архитектонско-урбанистичко решение за комплексот општинаска зграда на Општина Центар беше распишан кон крајот на 2009 година (во време на тогашниот градоначалник на општината Владимир Тодоровиќ). Конкурсот беше завршен во мај, 2010 година. На тој конкурс беа пристигнати девет конкурсни труда, од кои стручната комисија издвои четири кои ги награди и за кои беа извршени откупи. Беше планирано откупените трудови да послужат како изработка за крајниот изглед на општинската зграда“, одговорија од Општна Центар на прашањето на „Независен“ колкупати досега се распишувани конкурси, а за награди се исплаќаат општински пари. Идeјни решенија кои потоа не се реализираат.
Тодоровиќ во 2012 година, ја повлече од дневен ред на седницата на Советот точката за продажба на атрактивното земјиште во Дебар Маало на кое требаше да се реализира проектот. На ваквиот расплет му претходеше протест на група граѓани и серија препукувања помеѓу централната и локалната власт од една, и опозицијата од друга страна. Опозицијата обвини дека се работи за сомнителна и евтина предизборна продажба и дека инвеститорот е обврзан објектот на општината да го изгради само до фаза на карабина, додека градоначалникот Тодоровиќ и Министерството за транспорт и врски, кое ја спроведуваше постапката за отуѓување на земјиштето, реагираа дека ваквите тврдења се шпекулации и груба манипулација на јавноста.
Инаку, земјиштето требаше да го купи „Пера Констракшн“, да изграи на нов објект за локалната самоуправа на местото на сегашните општински бараки. Според планот требаше да изгради зграда со 15 ката и со површина од 31.000 метри квадратни, од која 51 отсто од површината требаше да ја отстапи на Општината.
Ова беше трет обид општината да добие нови административни простории со помош на приватен партнер. Првиот обид за реализација на проектот беше спроведен во февруари минатата година, а првичниот план предвидуваше изградба на објект со приземје и четири ката, во барокен стил.
Каков е планот за новата општинска зграда?
– Наша цел не е само изградба на нова административна зграда, туку создавање функционален простор кој ќе одговори не само на потребите на вработените, туку и на граѓаните. Комплексот ќе биде модерен, енергетски ефикасен, со подземен паркинг за околу 300 возила и простор за 100 велосипеди, конечно решавајќи го долгогодишниот проблем со паркирањето во централното градско подрачје – изјави Герасимовски на отворањето на изложбата.
Градежната парцела е со површина од 7.533 м2, а во неа се планирани три функционални целини. Во првата функционална целина, која би гравитирала кон бул „Илинден“ каде во еден или повеќе објекти би била сместена општинската администрација и подрачните единици. Во втората целина која гравитира кон ул „Орце Николов“ планирани се деловни и комерцијални објекти, како и објекти наменети за култура. Двете се поврзани со подземно ниво на заеднички паркинг. А третата, се однесува на просторот каде беше сместена Управата за водење матични книги, кој треба да ја задржи постојната состојба.
Трите најдобри решенија добија парични награди
Првата награда ја освои идејното решение под шифрата „НАМАТ“, на авторскиот тим составен од Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски. Тие добија парична награда од 750.000 денари.
Втората награда ѝ припадна на проектот под шифра „ЧКЛАБ“, дело на авторите од ПЛАТФОРМА ДОО Скопје – Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени, за што добија 400.000 денари.
Третата награда ја освои идејното решение под шифра „СЦЕНА“, создадено од Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска, со награда од 300.000 денари.
„Основниот проект за изградба на општинската зграда е дел од програмата за развој, но согласно правилникот за изградба на вакви објекти, тарифите за проектирање од 01.01.2025 се значително зголемени, а дополнително нема можност за попуст како што имало порано, што претставува значителен трошок за општината“, одговорија од Центар, на прашањето на „Независен“, уште колку пати ќе се трошат пари за идејни решенија, а ништо нема да биде реализирано. Само за награди од овој конкурс се потрошени повеќе од 23.000 евра.
Дополнително што идејни решенија изработија и студенти од факултетот по предметот Ахитектонско студио 5.2, имаа изложба во 2023 година, граѓаните ја видоа и толку.
„Сепак, Општина Центар останува посветена на реализацијата на овој проект и планира да аплицира за проектот за изградба на нова општинска зграда“, додаваат од таму.
Бараките во кои сега се сместени градоначалникот и вработените во Општина Центар се стари повеќе од 60 години, односно изградени се во рамките на обновата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.(Б.Б.)