Скопје

Арсовска се јави за излевањето на Маркова река: коментарите на објавата ги имаше, па ги немаше…

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку статус на „Фејсбук“ посочи дека Противпожарната бригада на Скопје и екипи на ЈП Водовод и канализација работат активно на терен по излевањето на Маркова река. Таа ја искористи приликата и да го искритикува градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски оти се сликал додека бил на терен, но и Општина Студеничани кои според неа се виновни што каналите не се чисти. На објавата имаше и низа критики, но од момент во момент, коментарите ги снемуваше.

„Се излеала реката во Батинци, општина Студеничани, бидејќи општинските власти не ги чистат каналите, активност која како нивна надлежност превентивно треба да ја превземаат во континуитет. Џабе се слика со лажен хероизам градоначалникот во заминување Орце Ѓеоргиевски, кој освен со сликање со друго не може да се пофали. Со превенција се спречуваат поплави, не со глумење спасител за проблемите кои градоначалникот на општината сам ги дозволил. Проблемот од Батинци поради неодржување на каналите се прелева кон Скопје, а Противпожарната бригада на Град Скопје и екипите на ЈП Водовод и канализација активно работат на терен. Само немаат време да се сликаат!“, напиша Арсовска.

„Скопје1“ вечерва испрати прашања до Град Скопје, но и директно до Арсовска преку кои меѓудругото, и за атмосферската каначлизација која се гради и не е пуштена во употреба, односно дали преку неа се изливала вода од Маркова река. Оттаму не добивме одогвор, но испратија соопштение еден час по полноќ (апдејт).

По објавувањето на статусот, Арсовска имаше низа коментари, меѓу кои и критики. Од 52 коментари колку што имаше до моментот кога ја следевме објавата, можеа да се прочитаат девет. „Фејсбук“ има опција да се сокријат коментарите без бришење, но дали е таа искористена или не – знае само објавувачот. По желба на профилот, во случајот на Арсовска, тие можат да се вратат и да се прикажуваат. Од принт-скриновите можете да видите што друго се коментираше.

На почеток