5 навики за полесно станување рано наутро

14 јуни 2024

Ќе признаете дека сите ние се делиме на два типа луѓе, утрински луѓе и оние кои не ги сакаат утрата воопшто. Но без разлика на која категорија спаѓате, веруваме дека и на оние кои ги сакаат утрата, некогаш им е навистина тешко да станат од спиење, како резултат на насобран умор од работните обврски и животот воопшто, на ментално, емотивно и физичко ниво.

Ние ќе ви споделиме пет корисни совети како барем малку да си го олесните станувањето рано наутро и тоа да не ви предизвикува нервоза или доцнење.

1. Утрото почнува со претходната вечер

Утрото не започнува кога ќе заѕвони алармот. За да си го олесните станувањето рано наутро и да стигнете навреме каде што треба, можеби е убаво да си воведете некои рутини уште од претходниот ден односно вечерта пред легнување. На пример, припремете си оброк, со тоа си смалувате една обврска и мисла и го одбегнувате моментот да бидете гладни и нетрпеливи во моменти кои ви се важни на работното место или каде и да треба да делувате и бидете. Освен храната, топло препорачуваме да си ја подготвите и испеглате облеката што би ја носеле, на тој начин ќе бидете побрзи во процесот на спремање наутро и позадоволни со себе.

2. Алармот треба да е пријатен

Мелодијата која ве буди наутро од вашиот телефон не треба да биде ниту приспивна, ниту вознемирувачка, туку треба да биде некоја пријатна мелодија која ќе внесе ведрина уште од самиот старт на денот. Доколку не можете да изберете од дадените мелодии во телефонот, пробајте со некоја ваша омилена песна. Потсвесно, слушањето на ваша омилена песна ќе ви направи позитивно влијание додека сѐ уште не сте расонети. А кога сме кај алармот, доколку сте типичен спанко, наша препорака е да ставите повеќе аларми на помали интервали за да не се случи да презаспиете кога ќе го исклучите.

3. Кафето не е број 1 напиток

Иако кај многумина навиката е веднаш после станувањето да се пие кафе, сепак, тоа не е најздравата опција. Ако не можете да јадете веднаш после будењето, пробајте барем малку да го одложите пиењето кафе со тоа што прво ќе внесете нешто друго во организмот. Како лесни опции се млаката вода со лимон или цедениот портокал, а исто така можете да пробате и со внесување на концентрат од алое, или пак, алое напитоци. Убава и лесна опција се исто така и протеинските шејкови кои на пазарот ги има со повеќе вкусови, а секогаш може да започнете и со една банана или било кое овошје кое ви се допаѓа.

4. Туширањето е освестување

Колку пати сте се откажале од помислата да се истуширате заради мрзеливост, особено наутро кога сте неверојатно спори и поспани? Пробајте барем еднаш да "пресечете" и да се истуширате пред да го започенете денот, ќе си бидете благодарни сами на себе. Притоа, пробајте туширањето да биде со што постудена вода, со тоа ќе ви се зголеми циркулацијата, ќе ви се подобри расположението затоа што ќе го намалите кортизолот и ќе го зголемите ендорфинот, а автоматски ќе се забрза метаболизмот. Пробајте уште утре и ќе ви се случи препородување.

 5. Музика, музика, мисли, музика

Музиката е најоптималниот лек за лошо расположение, па со соодветна плејлиста на ваши омилени и среќни песни, може значително да го подобрите почетокот на вашиот ден. Попатно, додека се подготвувате, полетноста на музиката ќе ве носи и вашиот мозок ќе се опушта и ќе размислува поспокојно и потрезвено. Во тие моменти, размислете за целите кои сакате да ги постигнете тој ден...
...и дишете длабоко.

Фото: Pinterest, Getty Images

 

Објавено:
14 јуни 2024
Категорија: 
Здравје