
Дружбите со колеги по работното време не се толку лоши. Здодевните состаноци се тие што предизвикуваат мамурлак и главоболки кај вработените и ја намалуваат продуктивноста на компаниите.
Истражување пренесено во „Харвард бизнис ривју“ покажува дека 90 отсто од вработените се пожалиле на „мамурлак од состанок“, состојба дефинирана како „период на отсуство на фокус, мотивација и продуктивност по лош состанок“.
Кога ќе заврши состанокот, тегобата не ја оставаме во просторијата. Таа се лепи за нас и се одразува негативно на нашата продуктивност, објаснува професорот Стивен Рогелберг, автор на книгата „Изненадувачка наука на состаноците“.
Фрустрациите по лош состанок остануваат и го оптоваруваат работникот, кој во главата повторно и повторно си го врти филмот што тргнало на лошо и го споделува со колеги. Вентилирањето на душата преку разговор може да помогне да се издржи работниот ден, но навраќањето на маката продолжува да шири негативност.
Истражувањето покажало дека 28% од работните состаноци предизвикале негативни ефекти кај учесниците. Во 59% од случаите причината била нерелевантноста на темите, во исто толку немањето јасна цел или агенда, во 53% лошо организирање на времето, а 48% предизвикале главоболка зашто се знаело дека никој нема да го направи тоа што било договорено.
Како терапија против мамурлак од лош состанок, Рогелберг препорачува муабетење со најблиските колеги, отворено споделување на маката, барање охрабрување да се надмине ситуацијата и совет како да му се пријде на следниот состанок.
Размената на перспективите за тоа што се случило помага да се надградат отпорноста и вештината како полесно да се преживее лош состанок, вели професорот.