Кинескиот претседател Си Џинпинг предложи Европската унија и Пекинг заеднички да дејствуваат против Доналд Трамп, кој започна глобална трговска војна.
„Кина и ЕУ мора да ги исполнат своите меѓународни одговорности, заеднички да го зачуваат трендот на економска глобализација и праведна меѓународна трговија, и заеднички да се спротивстават на унилатералните и застрашувачки практики“, изјави Си за време на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во кинеската престолнина, пренесува Politico.
Вашингтон и Пекинг се во центарот на ескалирачки спор околу царините, а Кина утринава ги зголеми давачките за американскиот увоз на 125 проценти, како одговор на сè повисоките американски царини.
Додека Трамп одлучи 90 дена да стави пауза на најстрогите царински мерки за другите земји, вклучувајќи ја и ЕУ, Кина бара сојузници кои би ѝ помогнале да се справи со силниот трговски притисок што доаѓа од Белата куќа.
Санчез го повтори повикот на Си Џинпинг за поблиски односи меѓу ЕУ и азиската суперсила во време кога светот се соочува со „исклучителни предизвици“.
„Комплексниот глобален пејзаж нè тера да се определиме за повеќе дијалог, соработка и зајакнување на нашите односи со други земји и регионални блокови“, изјави Санчез.
„Кина е клучен партнер за нас во справувањето со најголемите глобални предизвици – климатските промени, глобалниот развој, борбата против нееднаквоста – сето тоа се клучни теми за нас“, додаде тој.
Обидот на шпанскиот премиер да ги зајакне трговските врски со Кина предизвика реакции во Вашингтон. Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, оваа недела ги спореди обидите на Мадрид со „сечење на сопственото грло“.
Санчез инсистираше дека „шпанската надворешна политика не е насочена против никого“, додавајќи дека неговата земја е решена да игра „активна“ улога во поттикнувањето на „взаемно корисни“ трансатлантски односи.
Сепак, неговото постојано инсистирање на „фер игра во меѓународната трговија“ лесно може да се протолкува како критика на последните казнени трговски мерки на Трамп.
Дилемата на ЕУ
Патувањето на Санчез ги истакна поделбите во рамките на ЕУ околу тоа како да се одговори на агресивниот царински режим на американскиот претседател Доналд Трамп.
Некои лидери на Унијата се залагаат за оддалечување од САД и јакнење на врските со други глобални партнери, додека други сметаат дека е подобро ЕУ да остане блиска со Вашингтон.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која инсистира дека Европа мора да задржи „прагматичен, конструктивен и отворен пристап“ кон Белата куќа, планира следната недела да отпатува во Овалната канцеларија за да ја докаже својата вредност како потенцијална „шепкачка на Трамп“.
Премиерот на Шпанија рече дека пред патувањето во Кина разговарал со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и европскиот комесар за трговија Марош Шефчович.
Весникот South China Morning Post утрово објави дека лидерите на ЕУ планираат да се сретнат со Си Џинпинг во Кина во јули.
Последниот самит од овој вид се одржа во Пекинг во 2023 година, а според протоколот, следниот би требало да се одржи во Брисел. Подготвеноста на ЕУ повторно Кина да биде домаќин укажува дека европските лидери се подготвени да му излезат во пресрет на Си и да го искористат самитот – кој се совпаѓа со 50-годишнината од воспоставувањето на односите меѓу ЕУ и Кина – за да ги зајакнат врските со азиската суперсила.
Во Пекинг, Си ги истакна блиските односи со Шпанија, кои, како што рече, стануваат сè поважни „додека меѓународната ситуација станува сè понестабилна и понепредвидлива.“
Според Санчез, двајцата лидери долго разговарале за глобалната соработка и решеноста на ЕУ да обезбеди „праведен мир“ во Украина.
Пекинг е последна дестинација од азиската турнеја на Санчез, за време на која се сретна и со премиерот на Виетнам, Фам Мин Чин. Посетата послужи и за постигнување земјоделски договори со Ханој и склучување профитабилни договори за извоз на свинско месо и цреши во Кина.