Поранешниот претседател на Јужна Кореја Јун Сук Јеол денеска пред судот во Сеул на првото рочиште негираше дека на 3 декември накратко вовел воена состојба во земјата затоа што сакал да изврши бунт со цел да го поткопа Уставот, за што е обвинет.
Јун влезе во Централниот окружен суд во Сеул преку подземен паркинг за да ја избегне јавноста, а фотографирањето и снимањето не беа дозволени врз основа на судски налог, објави Јонхап.
Поранешниот јужнокорејски претседател се соочува со обвинувања дека водел бунт за време на воведувањето на воената состојба на 3 декември кога војската била распоредена во Националното собрание.
Тој беше отповикан од Националното собрание неколку дена подоцна, а сменет од функцијата на 4 април, откако Уставниот суд едногласно го поддржа неговото отповикување.
Според јужнокорејскиот закон, бунтот носи максимална казна доживотен затвор или дури и смртна казна.