„Пелистерци“ повторно славеа над Алкалоид, за враќање на врвот во плејофот

Ракометарите на Е. Пелистер се вратија на чело на табелата во плејофот откако славеа во денешното дерби против Алкалоид со резултат 30-28. Тимот на Кире Лазаров одигра далеку поквалитетно отколку на последниот дуел во Битола, „сино-белите“ од Скопје парираа во првите 45 минути од натпреварот, но искуството на Пелистер пресуди битолчани да се одлепат во завршницата. Алкалоид не се предаде, дојде до „минус еден во финишот“, но шампионот го реализираше последниот напад и стигна до победата.

Првото полувреме донесе брз ракомет во кој и двете екипи грешеа во нападот. Домаќините тргнаа моќно, поведувајќи со 6-2 и со 7-3, но Алкалоид возврати на вистински начин и успеа да намали на еден гол негатива (11-10). Се играше гол за гол до 13-12, по што битолчани повторно се одлепија резултатски, на одмор заминувајќи со предност од 18-15. Избраниците на Кире Лазаров одиграа квалитетно во првите петнаесетина минути од вториот дел, намалија на 23-22, а при овој резултат Серафимов не успеа да реализира пенал за израмнување. Токму по овој момент Алкалоид падна во ритамот, а битолскиот состав знаеше како да го искористи тоа, се одлепи резултатски и поведе со 29-25. Гостите заслужуваат само пофалби за покажаниот карактер, постигнаа три гола во низа и намалија на 29-28, останувајќи и со играч повеќе во последните 40 секунди од мечот. „Пелистерци“ во последниот напад успеаја да постигнат гол преку Хаџиќ, прв за босанскиот интернационалец на ова дерби. Гостите бараа пробивање, но судиите останаа неми, го признаа голот и Пелистер славеше на овој натпревар.

Филип Кузмановски со осум и Радивојевиќ со седум погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, додека најдобар кај Алкалоид беше Серафимов со девет погодоци (ниту еден друг играч од гостинскиот табор не постигна повеќе од три гола).

Во вториот меч од денешната програма во плејофот Тиквеш во драматична завршница го совлада Бутел со 26-25, со победничкиот гол што го постигна Обина во 60. минута. Кривокапиќ со девет и Обина со седум гола беа најефикасни во победничкиот тим, додека први стрелци на Бутел беа Николов и Димитар Узунчев со по осум погодоци.

Се вчитува...