По шест часа завршија денешните консултации помеѓу САД и Русија во Истанбул, посветени на нормализирање на работата на дипломатските претставништва.
Консултациите се одржуваа во Конзулатот на Русија во Истанбул. По средбата немаше изјави за медиумите.
Резултатите од разговорите се очекува подоцна да бидат сумирани од министерствата за надворешни работи на двете земји.
На денешната средба руската делегација ја предводеше рускиот амбасадор во САД Александар Дарчиев, а американската делегација заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Соната Култер.
Првата рунда консултации меѓу Русија и САД во Истанбул се одржа на 27 февруари. Тогаш разговорот зад затворени врати траеше повеќе од шест часа.