24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветски берзи: ФЕД успеа да го запре надолниот тренд на пазарот

Светски берзи: ФЕД успеа да го запре надолниот тренд на пазарот

Американската берза забележа благо закрепнување по четиринеделниот надолен тренд, помогнато од состанокот на ФЕД и коментарите на централната банка.

Една недела откако индексот S&P 500 падна во техничка корекција, минатата недела закрепна половина процент, додека технолошкиот берзански индекс Nasdaq забележа уште поблаг пораст од само една петтина од процентот.

Централен настан во изминатата недела беше состанокот на ФЕД, кој очекувано донесе непроменети каматни стапки, но и ги влоши очекувањата кога се во прашање економскиот раст и инфлаторните движења.

ФЕД ги задржа каматните стапки во опсег од 4,25-4,50 отсто, каде што беа од декември, откако централната банка остана внимателна со оглед на очекуваното негативно влијание на новите царини врз забавувањето на економијата.

Претседателот на ФЕД, Пауел, рече дека влијанието на тарифите врз растот на инфлацијата може да биде „минливо“ и дека „натамошните зголемувања на каматните стапки може да се одложат во втората половина од годината“. Оваа проценка ги охрабри инвеститорите, како и информацијата дека претставниците на ФЕД сè уште очекуваат намалување на каматната стапка за половина процентен поен до крајот на годината.

Кога станува збор за економскиот раст на САД, очекувањата на ФЕД за тековната година се намалени на 1,7 отсто во однос на декемвриската проекција од 2,1 отсто.

Од друга страна, базичната инфлација се очекува на годишно ниво од 2,8 отсто наспроти претходната проценка од 2,5 отсто. Овие оценки укажуваат на реална опасност од сценарио за стагфлација, што е економски феномен кога инфлацијата расте и покрај слабеењето на економскиот раст.

Откако минатата недела беше објавено дека индексот на расположението на потрошувачите на Универзитетот во Мичиген падна на најниско ниво од ноември 2022 година, податоците за продажбата на мало во САД не даваат посветла слика за американската економија.

Продажбата на мало се зголеми за 0,2 отсто на месечно ниво во февруари, што е значително подобро од надолно ревидираниот пад од 1,2 отсто претходниот месец од првичните 0,9 отсто, но под консензусот од 0,6 отсто.

Компонентата за лична потрошувачка што е вклучена во пресметувањето на БДП порасна за 1,0 отсто, повеќе од очекуваните 0,2 отсто. Аналитичарите очекуваат личната потрошувачка да забави до годишна стапка од 1,2 отсто во првиот квартал, од 4,2 отсто во четвртиот квартал од минатата година.

БДП на САД во голема мера зависи од потрошувачката на домаќинствата, а се очекува дека поради неговото слабеење, растот во првиот квартал би можел да биде во опсег од 0,5-1,3 отсто. Најголемата светска економија забележа раст од 2,3 отсто во четвртиот квартал.

Минатонеделните корпоративни соопштенија укажаа и на негативните движења во американската економија. Најголемиот производител на спортска опрема, NIKE, падна на најниско ниво од 2020 година, откако продолжи трендот на слабеење на продажбата и профитните маржи, делумно под влијание на најавените американски царини.

Негативни сигнали испрати и логистичката компанија FedEx, која ги намали своите деловни изгледи за тековната фискална година, додека дизајнерот на чипови Micron најави пад на профитните маржи во наредниот период и покрај проширувањето на приходите врз основа на растот на апликациите за вештачка интелигенција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП