1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

ЕУ бира зборови во реакциите на случувањата во Турција

Рози Бирхард
26 март 2025

Европа сака да соработува со Турција во обидот да се потпира помалку на САД и да ја засили поддршката за Украина. Со оглед на протестите, според експертите, ЕУ е заглавена помеѓу своите вредности и критичните интереси.

https://p.dw.com/p/4sHZX
протести во Турција
Односите Турција-ЕУ никогаш не биле едноставни - во 2025 година дојде до продлабочување на врските, но масовните протести сега го прават тоа покомплицираноФотографија: Huseyin Aldemir/AP/picture alliance

Статусот на односите меѓу Европската унија и Турција одамна е во категоријата „комплицирано“. Анкара останува - барем на хартија - кандидат за членство во ЕУ, а сојузниците во НАТО, повеќето земји од ЕУ и Турција ветија дека ќе се заштитат меѓусебно во случај на напад.

Во последниве години, ЕУ го обвинува претседателот Реџеп Таип Ердоган дека предизвикува ерозија на демократијата и „застој“ во кандидатурата за членство на Турција. Но, оваа недела Брисел се чини дека ја ублажува својата критика за она што Амнести Интернешнал го нарекува „непотребна и неселективна сила од безбедносните сили против мирните демонстранти“ во Турција, откако беше уапсен најважниот ривал на Ердоган поради обвинувања за корупција.

И тоа е веројатно затоа што за Европа работите станаа покомплицирани од кога било.

Европа постапува внимателно

Додека турскиот претседател вели дека распространетите протести - во текот на кои имаше и судири со полицијата - се „движење на насилство“, француското Министерство за надворешни работи го означи затворањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и „многу други“ како „сериозни напади врз демократијата“.

Германскиот врвен дипломат во заминување, во меѓувреме предупреди дека „политичките противници не припаѓаат во затвори или судови“.

Но, во Брисел, централизираната егзекутива на ЕУ внимателно ги избира своите зборови.

„Апсењето на градоначалникот Екрем Имамоглу и на демонстранти покрена прашања во врска со придржувањето на Турција до нејзината долгогодишна демократска традиција“, изјави за новинарите во понеделникот (24.03) портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие. „Турција мора да се поддржува до демократските вредности“, додаде тој.

На прашањето дали Унијата ќе ги откаже или одложи планираните разговори за политичко партнерство со турските официјални претставници следниот месец, Мерсие одби да шпекулира.

„Постои нешто како контраст помеѓу тежината на она што се случува во Турција и лекомисленоста на европските реакции“, оценува за ДВ Жан Марку, професор специјализиран за односите меѓу ЕУ и Турција во Институтот за политички студии во Гренобл.

„На европските партнери им требаше време да одговорат“, додава поранешниот француски дипломат.

Турција Истанбул 2025 | протести
Повеќе од илјада луѓе се уапсени на протестите ширум ТурцијаФотографија: Angelos Tzortzinis/AFP

Воената моќ на Турција во очите на ЕУ

Аманда Пол, виш аналитичар во Центарот за европска политика, смета дека има јасна причина за тоа.

„Ова веројатно е одраз на новата геополитичка ситуација во која живееме сите“, изјави таа за ДВ.

Доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа поттикна радикално преиспитување на европската одбрана додека владите се тркаат да се потпрат помалку на САД и да замислат иднина без заштита на Вашингтон.

Турската армија, по САД, е втора по големина во НАТО, а Пол вели дека географската положба на земјата - наспроти Украина и Русија на Црното Море и помеѓу европскиот и азискиот континент - ѝ дава „геополитичка тежина каква што немаат многу други земји во регионот, па дури и во светот.“

ЕУ, која е во потрага по повеќе добавувачи и по алтернативни лиферанти за своите национални борбени сили, би можела да ја има во вид и индустријата за оружје на Турција која доживува бум.

„Турската индустрија за оружје има навистина што да ѝ понуди на ЕУ во време на значителен недостиг на оружје“, објаснува Пол.

Турција | претседател Реџеп Таип Ердоган
Турскиот претседател Ердоган имаше централна улога во европските разговори за иднината на Украина и континенталната безбедностФотографија: Turkish Presidency/Murat Cetinmuhurdar/Anadolu/picture alliance

Ердоган - меѓународна сила и домашна фрагилност?

Пред да се појави во насловите ширум светот поради наводи за обид да го замолчи својот најголем политички ривал, турскиот претседател Ердоган голем дел од 2025 година помина во состојба на нешто како дипломатски врв.

Анкара беше во срцето на таканаречената „коалиција на волните“ - група европски држави кои размислуваат за начини за поткрепување на евентуален мировен договор во Украина во обид да добијат одредено влијание врз настојувањето на САД за брзо завршување на руската војна. Минатата недела, највисоките претставници на ЕУ го повикаа Ердоган да го информираат за нивните внатрешни разговори за одбраната.

И тоа не е сѐ. Пол вели дека Турција „стана главен актер во надворешната политика во нејзиното соседство и пошироко, без разлика дали се работи за Сирија, Јужен Кавказ или Централна Азија“.

„Тој [Ердоган] чувствува дека е речиси незаменлив партнер на Европа во моментов. Тоа му даде поголема доверба да ги преземе овие чекори дома“, додава таа.

Ердоган ги отфрли обвинувањата дека апсењето на неговиот противник Имамоглу е политички мотивирано.

Турција Истанбул протести
Европските пратеници најверојатно ќе ги повикаат владите на земјите од ЕУ да заземат построг став во врска со наводното назадување на демократијата во Турција (фото: протести во Турција против апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу)Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Демократии под притисок

Истражувачот Жан Мерку смета дека турскиот лидер со големо внимание ги гледа и светските трендови:

„Зошто го прави ова? Затоа што меѓународната клима е погодна за тоа, има повеќекратни напади врз демократијата, вклучително и во големите западни демократии, вклучително и САД“.

Пријателските врски на Ердоган со Трамп можеби исто така се во мислите на ЕУ додека таа го планира својот следен чекор.

„Помеѓу Европа и САД се води некаков натпревар за да се шармира Турција. Мислам дека Европејците веројатно не сакаат да ја загубат Турција и мислам дека Ердоган многу добро го знае тоа“, додава Мерку.

Вредности наспроти критични интереси

Но, притисокот врз европските партнери на Турција да одговорат со поголема критика исто така ќе се зголемува. Градоначалници од целиот континент се состануваат во четврток во Стразбур и се очекува да ја осудат „немилосрдната кампања на судско шиканирање“ против нивниот истанбулски колега.

Европските пратеници исто така најверојатно ќе побараат построги мерки од ЕУ и од националните влади.

„Што ќе се случи ако има многу поостра репресија [во Турција]? Веројатно тоа ќе ги принуди Европејците да бидат погласни“, објаснува Мерку.

„Но, на крајот“, додава тој, „тие ќе бидат фатени меѓу своите вредности и своите стратешки интереси“.

Овој текст ппрвично е објавен на ДВ на англиски јазик