За 14 години кириите во ЕУ пораснале за 26,7 проценти

Во четвртиот квартал од минатата година, цените на недвижностите во Европската унија (ЕУ) пораснале за 4,9 отсто, додека кириите се зголемиле за 3,2 отсто во споредба со истиот квартал во 2023 година, соопшти Евростат.

Во споредба со третиот квартал од 2024 година, цените на недвижностите се зголемиле за 0,8 отсто, а кириите за 0,6 отсто.

Меѓу 2010 и четвртиот квартал од 2024 година, цените на недвижностите во ЕУ се зголемиле за 55,4 отсто, а кириите за 26,7 отсто.

Додека кириите бележат стабилен раст, цените на недвижностите покажуваат осцилации, со силен раст помеѓу првиот квартал од 2015 и третиот квартал од 2022 година, потоа следува благ пад и стабилизација, по што повторно се зголемија во 2024 година.

Во кои земји цените најмногу пораснале?

Според националните податоци, при споредба на четвртиот квартал од 2024 со 2010 година, цените на недвижностите пораснале повеќе од кириите во 21 од 27 земји членки на ЕУ за кои има достапни податоци.

Во истиот период, цените на недвижностите се повеќе од тројно зголемиле во Унгарија (+234 отсто) и Естонија (+228 отсто), а се повеќе од двојно зголемиле во Литванија (+187 отсто), Латвија (+153 отсто), Чешка (+142 отсто), Португалија (+120 отсто), Бугарија (+115 отсто), Австрија (+112 отсто) и Луксембург (+105 отсто).

На Кипар, цените на недвижностите останале на исто ниво како во 2010 година. Италија е единствената земја каде што е забележан пад на цените на недвижностите во овој период (-4 отсто).

Во истиот период, кириите се зголемиле во 26 земји од ЕУ, при што најголем раст е забележан во Естонија (+212 отсто), Литванија (+175 отсто) и Унгарија (+114 отсто).

Грција е единствената земја во која кириите се намалиле (-13 отсто).

Цените на куќите никому нема да му се допаднат

Цените на куќите, мерени според истоимениот индекс, се зголемиле за 4,2 отсто во еврозоната и за 4,9 проценти во Европската унија во четвртиот квартал од 2024 година, во споредба со истиот период претходната година.

Според податоците на Евростат, Статистичката служба на Европската унија, во третиот квартал од истата година растот изнесувал 2,7 отсто во еврозоната и 3,9 проценти во ЕУ.

Во однос на третиот квартал, цените на куќите во четвртиот квартал пораснале за 0,6 отсто во еврозоната и за 0,8 проценти во ЕУ.

Меѓу земјите-членки за кои има достапни податоци, две забележале годишен пад на цените на куќите во четвртиот квартал од 2024 година, додека 24 земји забележале годишен пораст.

Пад на цените е забележан во Франција и Финска (обете по -1,9 отсто), додека најголем раст е регистриран во Бугарија (18,3 отсто), Унгарија (13 отсто) и Португалија (11,6 отсто).

Во споредба со претходниот квартал, цените се намалиле во шест земји-членки, останале стабилни во две (Малта и Финска) и пораснале во осумнаесет.

Најголем квартален пад е забележан во Франција, Кипар (еден отсто) и Естонија (-0,7 отсто), додека најголем пораст е регистриран во Словачка (3,6 отсто), Словенија (3,1 отсто) и Португалија (3,0 отсто), објавува Biznis.rs.

Зачлени се на нашиот е-билтен