Вести

Митовски: За 10 пати зголемена концентрација на олово во Крива Река

28.03.2025

Извештајот од испитаните примероци на водата во Крива Река земени еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажува дека концентрацијата на олово е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот,  информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски. Тој најави дека општината ќе бара кривична одговорност за загадувањето по повеќе основи, истакнувајќи дека ќе ги преземе сите активности во нејзина надлежност за што побрза санација од хаваријата, а ќе побара помош и од централната власт.

Митовски на прес-конференција презентираше извештај на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје од земени примероци од водата во Крива Река, според кој, како што рече, водата еден ден по хаваријата во рудникот Тораница е сериозо загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето.

- Извештајот по направеното тестирање на квалитетот на водата во Крива Река покажува неверојато зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратно зголемено присуство и концентрација на тешки метали, поточно количината на олово присутно во водата. Дополнително за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор и азот, рече Митовски.

Го повика Јавниот обвинител итно да преземе мерки за санкционирање на сторителот согласно член 218 од Кривичниот законик, кој што, укажа, предвидува затворска казна од четири до десет години  за оној којшто со непридружување до прописите за заштита на животната средина ќе го загади воздухот, почвата, водата, водна површина или водотек во поголем обем или на пошироко подрачје.

- Како резултат на ова загадување на Крива Река од страна на концесионерот на рудникот Тораница загрозен е животот и здравјето на луѓето по текот на реките Тораница и Крива Река, како и флората и фауната. Загрозена е и почвата по текот на овие две реки, но и на река Пчиња на земјоделските насади кои се наводнуават од овие текови, а во ризик е ставен и сточниот фонд што се напојува од овие реки, со што се става во опасност и здравјето и животот на луѓето, рече Митовски.

Претходно Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра за инцидент во кој пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, прекршок, кој е од трета категорија.  

- По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24 март годинава  од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање, информираа од МЖСПП.

Од Министерството појаснуваат дека според известување од страна на БУЛМАК, на 14 март во период од 06:30 до 07:00 часот се случил инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена. БУЛМАК известил дека во меѓу време дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата.

Со потпишување на записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина. Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180-000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице, велат од Министерството.


 

Извор/фото МИА 

 

ПРЕПОРАЧАНО