Захарова: Барањата на Лондон да се регистрираат активности поврзани со Русија се лудост
- Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека намерата на Велика Британија да ги регистрира сите активности поврзани со Русија е „права лудост“ и „врв на интелектуална инфериорност“

Москва, 2 април 2025 (МИА) – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека намерата на Велика Британија да ги регистрира сите активности поврзани со Русија е „права лудост“ и „врв на интелектуална инфериорност“.
Лондон најави дека планира во рамките на идната Шема за регистрација на странско влијание (ФИРС) да воведе „засилен“ режим на контрола против Русија.
- Тоа значи дека сега секое лице во Велика Британија кое врши каква било активност поврзана со руските државни и владини структури ќе мора да се регистрира во посебен регистар. Во спротивно, им се заканува казна затвор до пет години, напиша Захарова на нејзиниот канал Телеграм.
Таа додаде дека новите правила се „навистина луди“.
- Интелектуалната инфериорност што ја снајде владејачката класа на замаглениот Албион го достигна својот врв. Наследниците на големите претставници на Британија од минатите времиња, војниците и ветераните од Втората светска војна кои се бореа против нацизмот, сега копаат во нечистотијата, хистерично бараат врски со Русија. Од Лондон навистина можеше да се очекува нешто посериозно, посочи Захарова. ми/
фото: ЕПА