• Горан Упале

Фудбалерите на Еспањол продолжуваат со добрата резултатска серија, откако славеа сигурна победа на гостувањето кај Рајо Ваљекано со 0-4 (0-2) на отворањето на 30. коло во Примера.
Тимот од Каталонија до триумфот стигна со одличен настап уште во првото полувреме, во кое го разбија бледиот домаќин. Со овој учинок Еспањол продолжува да се искачува на табелата, а зоната за испаѓање е на сè поголема оддалеченост. Со вечерашните три бода се зацврсти на тринаесеттата позиција на табелата со 35 освоени бода, што му овозможува на тимот да дише сè полесно.
- Извештај од натпреварот:
Резултатот во Мадрид беше отворен во дванаесеттата минута, кога Леандро Кабрера со прецизен удар со глава ја погоди мрежата на домаќините. Веќе во 16. минута Еспањол ја удвои предноста со одличната завршница на Роберто Фернандез. Во вториот дел гостите само го потврдија триумфот. Хави Пуадо погоди од белата точка, додека Пере Мило стави точка на овој натпревар во судиското надополнување.