Кешишов во суд: „Царот“ Палчо наредуваше, јас извршував сè што ќе ми наредеше

од Даниел Ѓорѓиевски
331 прегледи

Обвинетиот Влатко Кешишов сведочеше во судот дека бил целосно послушен на Љупчо Палевски – Палчо, чии наредби ги исполнувал без двоумење. Во неговиот телефон, бројот на Палевски бил заведeн под псевдонимот „Царот“.

„По навика го слушав сè што ќе каже. Ми велеше да не зборувам многу, да молчам и да се држам настрана“, изјави Кешишов, кој претходно побара Палевски да биде отстранет од судницата за да може слободно да сведочи за убиствата на Вања и Панче.

Кешишов истакна дека бил свесен за грабнувањата што се подготвувале, но тврди дека не знаел дека ќе завршат со убиства. Неговото сведочење се совпаѓа со исказот на Велибор Манев од претходните рочишта.

„Рекоа дека никој не смее да дознае за ова, бидејќи можат и глави да летаат“, посочи тој.

Тој откри и детали за последниот разговор со Палевски, кој се случил додека првообвинетиот се наоѓал во Турција. Тоа било истиот ден кога полицијата ја претресувала канцеларијата на партијата „Десна“.

„Му кажав дека полицијата е во седиштето, а тој веднаш го прекина повикот“, сведочеше Кешишов.

Покрај тоа, откри дека заедно со Палевски, Велибор Манев и Боре Видевски биле во пештера кај Демир Капија во потрага по злато.

„Вељо нè натера. Тој и Боре влегоа во пештерата, јас и Палчо останавме крај реката. Кога дојде полицијата, ги претресоа и го најдоа пиштолот на Палчо“, раскажа тој.

Кешишов продолжува да одговара на прашањата на обвинителството, а во текот на судењето ќе се соочи и со Палевски и Видевски, кои негираат каква било поврзаност со убиствата.

Слични содржини