Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе воведе секундарни царини за извозот на руската нафта ако не се постигне договор со Москва за прекин на конфликтот во Украина.
„Ако Русија и јас не можеме да постигнеме договор за запирање на крвопролевањето во Украина, и ако верувам дека е виновна Русија, што можеби не е случај, но ако верувам дека е виновна Русија, тогаш ќе воведам секундарни царини за нафтата, за целата нафта што доаѓа од Русија“, изјави американскиот лидер за NBC News.
„Тоа би било така: ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Тој додаде дека планира да воведе царина од 25 до 50 отсто за целата нафта што се извезува од Русија.
Американскиот претседател, исто така, рече дека очекува наскоро повторно да разговара со рускиот лидер Владимир Путин. Трамп истакна дека двајцата планираат повторно да разговараат оваа недела, според објавеното интервју на телевизискиот сајт.